Американската пејачка Ријана, според најновите финансиски извештаи на нејзината британска компанија „Denim UK Holdings“, забележала загуба од околу 36 милиони евра поради неуспешната модна линија во соработка со луксузниот бренд „Louis Vuitton“.
Ријана во 2019 година ја лансираше модната колекција „Fenty“ во партнерство со француската модна куќа „LVMH“, но соработката беше прекината во 2021 година, главно поради проблемите предизвикани од пандемијата на коронавирусот.
Строгите ограничувања за патување ѝ оневозможија на Ријана лично да го надгледува производствениот процес во париското атеље и италијанските фабрики, што значително влијаеше врз развојот на брендот.
За овој проект Ријана вложила околу 30 милиони евра, додека „LVMH“ инвестирал сличен износ, при што пејачката стекнала речиси половина од сопственичкиот удел во компанијата.
И покрај големите очекувања, модната линија „Fenty“ не успеала да најде поширока публика, а главната причина за тоа биле високите цени – на пример, трапер јакна чинела околу 930 евра. За разлика од тоа, нејзините линии „Fenty Beauty“ и „Savage X Fenty“ доживеале огромен успех благодарение на пристапните цени.
Со заедничка одлука од 2021 година, Ријана и „LVMH“ го затвориле модниот бренд „Fenty“, насочувајќи се кон понатамошен развој на производите за нега на кожа, козметика и долна облека.
И покрај овој неуспех, деловното царство на Ријана останува стабилно, со проценета вредност од 1,3 милијарди евра. Во 2022 година таа стана најмладата самостојна милијардерка во САД.