Директорот на „Heineken“, Долф ван ден Бринк, изјави дека улогата што пивото ја има во социјализацијата треба да се земе предвид при дискусиите за штетното влијание на алкохолот.
Тој смета дека во денешно време, кога владее „епидемија“ на осаменост и проблеми со менталното здравје, треба да се нагласи фактот дека консумирањето пиво ги обединува луѓето.
„Пивото е една од најстарите, ако не и најстарата категорија на потрошувачки добра“, изјави тој за „Financial Times“, потсетувајќи дека луѓето се собирале и пиеле пиво уште во Месопотамија и во древен Египет.

Светската здравствена организација спроведува кампања против умереното консумирање алкохол. Ван ден Бринк вели дека дискусијата за влијанието на умереното пиење е „легитимна“, но дека ѝ недостасуваат одредени детали.
„Веруваме дека за тоа не се известува на еднаков начин, со цел да се прикаже целосната слика, бидејќи врската меѓу алкохолот и здравјето е сложена“, изјави тој.
Маркетингот на „Heineken“ со децении е фокусиран на социјализација, а Ван ден Бринк нагласува дека токму таа е дел од суштината на нивните производи.





