На новата глобална ранг-листа Сан Диего е прогласен за најопуштениот град на светот.
Студијата која ја спровела компанијата „Holafly“, работела на истражувања на пример од 50 градови ширум светот, користејќи податоци од платформите „TripAdvisor“ и „Numbeo“.

Истражувачката студија користела параметри како што се бројот на паркови и резервати на природата, бањи, густина во сообраќајот, квалитет на воздухот, бројот на сончеви денови во текот на годината, како и вкупното ниво на среќа од индексот на среќни градови за 2025 година.
Секоја метрика била оценувана на скала од 1 до 100, а конечните резултати биле пресметани како просек од сите параметри, при што повисоките резултати укажуваат на поопуштен град.
Сан Диего го зазел првото место како одлична дестинација за опуштање. Познат е по прекрасните крајбрежја, опуштениот стил на живот, 266 паркови и резервати на природата, што е најмногу од било кој друг град опфатен во студијата.
Се наоѓа на самата граница со Мексико и е втор по големина град во американската сојузна држава Калифорнија, а осми во САД.
Најпозната локација е Балбоа паркот, срцето на градот, со музеи, тематски градини, театри и светски познати зоолошки градини.
Сингапур го зазел второто место со 242 паркови и неверојатни 698 велнес-центри, но и со највисок индекс на среќа меѓу своите жители.

Третото место ѝ припаднало на Виена, позната по чистиот воздух, бујното зеленило и ефикасниот сообраќај дури и во време на метеж.
Следат градовите во Австралија, Сиднеј и Мелбурн, додека пак Берлин, Окленд, Портланд, Рим и Хелсинки исто така се наоѓаат меѓу првите 10. Мадрид и Барселона се нашле на листата, што потврдува дека Европа и натаму знае како да ја спои културата и квалитетот на животот.







