[ВИДЕО] Филипче најави политички и кадровски промени во СДСМ

Макфакс

26/10/2025

14:05

274

Големина на фонт

а а а

Претседателот на СДСМ,Венко Филипче, во изјава за медиумите по првиот круг од локалните избори истакна дека партијата бележи раст во повеќе општини, но и дека има места каде резултатите се послаби, што, како што рече, е јасен показател за тоа што треба да се менува.

„Јас лани ја затекнав партијата во навистина тешка и лоша состојба, после еден пораз со разлика од 300.000 гласови. Во изминатата година и пол интензивно работев во сите општински организации, со илјадници членови – преку директни контакти, средби и состаноци“, изјави Филипче.

Тој посочи дека СДСМ има избрани градоначалници во дел од општините, како и 16–17 општини во кои партијата влегува во втор круг, каде е забележан значаен раст на поддршката.

„Во некои општини бројот на гласови е зголемен за 40–50 отсто, а некаде гласовите се дури и дуплирани, што значи дека работата дала ефект. Но, има и општини, особено скопски, каде што тоа не се случи“, рече тој.

Филипче оцени дека овие избори се добар показател за насоката во која треба да се движи партијата во иднина.

„Очигледно е дека во дел од општините е потребна уште поинтензивна работа. Овие избори се јасен сигнал како треба да се поставиме и како да функционираме во следниот период“, додаде тој.

Во завршницата од изјавата, Филипче најави и кадровски и политички промени по завршувањето на изборниот процес.

„Ќе има политички и кадровски промени во раководството на партијата – за што јавноста ќе биде навремено информирана“, истакна претседателот на СДСМ.