Децата во училиштата во Хрватска повеќе нема да смеат да користат мобилни телефони – дури ни за време на одмор

Точка

27/10/2025

22:05

526

Големина на фонт

а а а

Хрватска ќе им забрани на учениците користење на мобилни телефони и за време на училишниот одмор. Според најавите на советничката на министерот за образование, Ивана Павиќ Шиметин, измените на правилникот ќе ја прошират постојната забрана, па телефоните нема да смеат да се користат во основните училишта не само за време на наставата, туку и за време на одморите — со исклучок за употреба во образовни цели или поради здравствени потреби.

Павиќ Шиметин истакна дека училиштата се единственото место каде што децата воопшто не смеат да користат телефони, но дека таа забрана моментално важи само за време на наставата. Новите измени на Правилникот за педагошки мерки ќе пропишат дека телефоните не можат да се користат ниту во паузите меѓу часовите.

„За средните училишта ќе бараме поинаков модел“, додаде таа на тркалезната маса со наслов „Дали мобилните телефони и социјалните мрежи им го крадат детството на нашите деца?“, што ја организираше пратеничкиот Клуб на независни претставници, пренесува „Jutarnji“.

Иницијатива од Собранието

Расправата во Хрватскиот сабор ја иницираше независната пратеничка Марија Селак Распудиќ, која смета дека прашањето за користење мобилни телефони во училиштата треба да се уреди со закон на државно ниво.

„Многу земји веќе тргнаа во тој правец, а некои отидоа и чекор понатаму – во Европскиот парламент веќе се зборува за регулирање на користењето социјални мрежи за лица под 13 или 16 години, зависно од земјата“, изјави Селак Распудиќ.


Павиќ Шиметин нагласи дека прашањето за користење на телефони не треба да биде дел од законот, туку да се регулира со правилник – исто како и другите неприфатливи однесувања на учениците.

Што велат училиштата?

Директорката на Комерцијално-трговската школа во Бјеловар и потпретседателка на Здружението на директори на средни училишта, Наташа Вибирал, ја поддржува иницијативата, но смета дека треба да се прави разлика меѓу основните и средните училишта.

„Не сум за целосна забрана во средните училишта, туку за контролирана употреба. Лесно е да се забрани, но кој ќе го спроведува тоа? Учениците во телефоните имаат автобуски карти, плаќаат ужина со нив и слично“, изјави Вибирал.

Генералниот секретар на Здружението на директори на основни училишта, Антонио Јурчев, смета дека ограничувањата се неопходни, но дека решението треба да се бара и во развојот на дигитална писменост, култура на безбедност и одговорна употреба на технологијата кај децата.

„Возрасните треба да им покажат на децата дека технологијата може да биде алатка за учење, развивање на креативност и поврзување – а не замена за вистинскиот живот“, порача Јурчев.

Децата поминуваат сè повеќе време на мрежите

Директорката на Управата за здравствена заштита при Министерството за здравство, Ивана Портолан Пајиќ, ја поддржа дополнителната регулација и ги презентираше резултатите од истражување на Едукациско-рехабилитацискиот факултет, спроведено на примерок од 2.000 ученици од седмо и осмо одделение во 16 жупании.

Истражувањето покажало дека 40 отсто од учениците во работни денови поминуваат повеќе од три часа дневно на социјални мрежи, додека 11 отсто прекумерно играат видео-игри. За време на викендите, бројките растат – 62,3 отсто од учениците се на мрежите повеќе од три часа, а 30 отсто играат игри подолго од три часа.

„Потребно е да се спречи мобилните телефони да станат замена за дружење, семејство и игра“, предупреди Пајиќ.

Наставниците и експертите со голема поддршка

Директорот на Институтот за општествени истражувања во Загреб, Борис Јокиќ, истакна дека нивното истражување покажува дека 85 отсто од наставниците поддржуваат одреден облик на забрана на користење телефони во училиштата, при што најмногу поддршка доаѓа од наставниците по информатика.

„Драго ми е што конечно ќе се зборува за прашања кои се навистина важни за децата, младите и целото општество“, изјави Јокиќ за „Jutarnji“.


Потреба од правилно насочување на децата

Правобранителката за деца Хеленца Пирнат Драгичевиќ повика на национален договор за јасни правила и стандарди во образованието. Таа истакна дека децата треба да имаат јасни очекувања, но и можност да учествуваат во носењето одлуки.

„Децата самите велат дека времето поминато на социјалните мрежи треба да се ограничи, но времето не е единствената заштита. Треба да ги учиме на правилна употреба на технологијата и на медиумска писменост – и децата, и младите, и родителите“, порача таа.

На тркалезната маса беше истакнато дека прекумерната употреба на телефони има негативно влијание врз психолошкиот развој на младите – проблеми со спиењето, вниманието, концентрацијата и меѓучовечките односи, како и појава на анксиозност, депресија и стрес.

Според истражувањето на Светската здравствена организација од 2022 година, спроведено од Хрватскиот завод за јавно здравство меѓу учениците од петто и седмо одделение и првите две години од средно училиште, 12 отсто од нив покажуваат проблематично користење на социјалните мрежи – самите признаваат дека се зависни и чувствуваат нелагодност, анксиозност и нервоза кога телефонот или мрежите не им се достапни.