Минчев: Со новиот закон и Академијата поставуваме темели за модерна, стручна и европска јавна администрација

Макфакс

28/10/2025

14:20

188

Големина на фонт

а а а

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, се обрати на јавната дискусија на тема „Имплементација на Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници“, организирана од страна на Министерството за јавна администрација во рамки на проектот „Поддршка за воспоставување на Академија за стручно усовршување и обука на административните службеници“, кој се реализира во партнерство со Центарот за управување со промени (ЦУП) и со поддршка на Амбасадата на Република Франција во Скопје.

На настанот свое обраќање имаа и амбасадорот на Република Франција, Н.Е. г. Кристоф Ле Риголер, д-р Неда Малеска Сачмароска, извршна директорка на ЦУП, францускиот експерт проф. д-р Jean-Michel Eymeri-Douzans од Институтот за политички студии во Тулуз, како и претставници од Генералната дирекција за администрација и јавна служба на Франција (DGAFP). Меѓу присутните беа и гости од дипломатскиот кор, владини функционери, претставници на државни институции, граѓанскиот сектор и академската заедница.

Во своето обраќање, министерот за јавна администрација Горан Минчев истакна дека со донесувањето на новите закони за јавната администрација, а особено со Законот за стручно усовршување и обука, се поставуваат нови стандарди во јавната служба.

„Законот за стручно усовршување и обука на јавните службеници е суштинска промена. Промена што ја премостува децениската разлика меѓу желбата за европска администрација и реалноста што ја градиме денес – модерна, стручна и одговорна администрација,“ нагласи министерот Минчев.

Тој потенцираше дека партнерството со Француската амбасада и со француските институции претставува доказ за довербата на европските партнери во реформите што се темелат на знаење, транспарентност и резултати.

„Проектот ‘Јакнење на капацитетите и професионализација на администрацијата’, кој го реализираме со поддршка од Француската амбасада, во партнерство со Националниот институт за јавна администрација (INSP), Генералната дирекција за администрација и јавна служба и Центарот за управување со промени, претставува вистински темел за создавање нов систем – систем во кој институциите не се формалност, туку алатка за развој,“ изјави министерот.

Министерот Минчев најави дека во рамките на оваа соработка ќе биде воспоставена Академија за стручно усовршување и обука на административните службеници, како институција што ќе стане „срцето на професионализацијата на јавната служба“.

„Со формирањето на Академијата, која ќе се структуира во рамките на овој француско-македонски проект, создаваме институција која ќе биде срцето на професионализацијата на јавната служба. За прв пат во историјата на нашата држава, системски и институционално ги регулираме стручните обуки на јавните службеници,“ изјави Минчев, додавајќи дека „секој административен службеник – од најмладиот до најискусниот – ќе има можност да се надградува, да стекнува нови знаења и да го покаже својот професионален капацитет.“

Во своето обраќање, министерот се заблагодари на амбасадорот на Франција, на ЦУП и на сите партнери кои придонесуваат за реализација на реформите во јавната администрација.

„Ова е партнерство меѓу државата и нејзините луѓе, меѓу институцијата и службеникот, меѓу знаењето и јавниот интерес,“ нагласи тој.

Настанот вклучи две панел-дискусии со учество на домашни и меѓународни експерти, кои ги презентираа моделите и искуствата во организацијата на академии за обука, како и најдобрите практики во континуираната едукација на јавните службеници.

Министерството за јавна администрација останува посветено на реформите што водат кон создавање професионална, транспарентна и европска јавна администрација, која ќе биде темел на модерна и одговорна држава.