На големото, 40-то јубилејно издание на Макфест, сцената во Штип повторно ја доби онаа магија што само вистинската песна знае да ја донесе.
Младата и емотивна Симона Поповска се претстави со нова нумера насловена „Не ми доаѓаш“, дело на Зоран Алексиќ, кој се потпишува како комплетен автор – музика, текст и аранжман.
Песната е емотивна балада во која секој стих носи дел од тишината по заминувањето, дел од болката што останува кога некој за нас важен - не се враќа. Со глас полн топлина и нежност, Симона ја претвора личната исповед во универзална приказна за сите што чекале - и не дочекале.
„Срцево мое, соба е мала
Само во неа останала тага,
Таа врата, не ја отварам сама,
Само ти го имаш клучот,
а тебе те нема...
Ти не ми доаѓаш…“.
Со овој дел од текстот, песната веднаш се вселува во срцето на слушателот. Лирската атмосфера и едноставната, но продорна мелодија го носат потписот на Алексиќ, кој повторно успева да создаде музичка приказна што допира длабоко и искрено.
На сцената на Макфест, Симона ја покажа својата автентичност – со минимализам во изразот, но со максимална емоција. Настапот беше исполнет со елеганција, суптилност и присуство што не бара гласна драма за да остави впечаток.
„Не ми доаѓаш“ е песна за сите оние моменти кога времето застанува, а чекорот на некој што го очекуваш не се слуша. И можеби токму во таа болка се раѓа најубавата музика – онаа што ја чувствуваш како своја.
Автор: Ц.Н.







