Додик му се заблагодари на Трамп

Макфакс

29/10/2025

19:17

398

Големина на фонт

а а а

Поранешниот претседател на Република Српска, Милорад Додик, се огласи откако САД ги укинаа санкциите против него, заблагодарувајќи му се на американскиот претседател Доналд Трамп за исправката, како што тврди, на големата неправда. Тој ја нарече одлуката морална рехабилитација на вистината за Република Српска.

Во објава на социјалните мрежи, Додик му се заблагодари на американскиот претседател Доналд Трамп и неговите соработници за „исправката на големата неправда нанесена врз Република Српска, нејзините претставници и нивните семејства“, која, како што наведува, „ја создадоа администрациите на Обама и Бајден“.

„Одлуката за укинување на санкциите не е само правна, туку и морална рехабилитација на вистината за Република Српска и сите оние кои чесно ѝ служат. Уште еднаш се покажа дека сè што беше кажано против нас беше лага и пропаганда, врз која беше изграден големиот хаос што го создаде Кристијан Шмит – хаос што сега мора да се исчисти“, рече Додик.

Тој додаде дека може да им прости сè на оние кои се фалеле и верувале во туѓите лаги во изминатите години, „освен годините што ги изгубиле затоа што верувале дека Република Српска ќе падне“. „Денес е јасно – таа никогаш нема да падне“, рече Додик.