Реал Мадрид заслужено ја доби Барселона во големото шпанско дерби и изби во прв план во Примера со плус пет бода во однос на лутиот ривал од Каталонија.
Меѓутоа победата на „кралевите“ како да падна во втор план пред се поради случувањата по последниот судиски свиреж, но и она што се случи за време на натпреварот, реакцијата на Винисиус Жуниор кога беше заменет од тренерот Чаби Алонсо.
Напаѓачот воопшто не беше среќен, имаше реакција која донесе доста коментари и останува да видиме дали тоа ќе остави последици врз односот со тренерот Алонсо.
Легендарниот Ривалдо смета дека тоа што го направи сонародникот не е во ред, ама во исто време има и разбирање затоа што смета дека веќе доста често се случува и едноставно тој гнев се собира.
- Реакцијата на Винисиус Жуниор не беше коректна, бидејќи кажа некои лоши работи, а тоа изгледа грдо. Но, можете да го разберете неговиот гнев: играше добро, беше протагонист, учествуваше во вториот гол и добро ја држеше топката. Мислам дека беше иритиран, не само поради самата замена, туку затоа што тоа веќе му се случило во други натпревари, тој веќе беше на клупата.
- Искрено, играч како Винисиус, кој вреди толку многу за Реал Мадрид и е наследство на клубот, не може да седум натпревари да биде заменет. А уште помалку во Ел Класико во кој имате минимална разлика, Барселона можеше да израмни, а тој можеше да го одлучи меч - вели Ривалдо кој немаше позитивна оценка за играта на Барселона.
- Како и секогаш, имаше контроверзии во акциите во корист на Реал Мадрид. Сепак, не видов одлична Барселона, како во други прилики. Тимот го чувствува отсуството на играчи како Рафиња или Левандовски. Но, овој пат тие играа добро само понекогаш. Не ми се допадна играта на Барселона, - порача Бразилецот.







