Пари Сен Жермен почна да прави доста киксови во домашниот шампионат, но и покрај сите тие „минуси“ останува лидер на табелата поради лошите резултати и неконстатноста на конкурентите за врвот.
„Светците“ вчера не успеаа да го добија Лориент, тим кој е на 16. место на табелата. Двата гола за ремито од 1-1 паднаа во вториот дел во периодот од 49 до 51 минута, а тренерот Луис Енрике не криеше дека и тоа како е разочаран од изданието на неговите избраници.
- Едноставно е – мислам дека одигравме слаб натпревар. Игравме многу лошо во првото полувреме: не создадовме ниту една шанса, противникот се бранеше добро и ни беше тешко. Во второто полувреме малку се подобривме, но мислам дека можевме да играме уште 90 минути, а сепак да не постигнеме гол. Мислам дека ни недостасуваше јасност во нашите акции. Не создадовме никакви шанси – тешко е да се победи на гостински терен во овие услови, -рече Шпанецот и додаде:
- Навикнати сме на тоа бидејќи повеќето тимови играат така, но кога нема напади еден на еден, нема пробиви во просторот и нема свежо размислување, тоа станува проблем. Секако дека има разочарување. Затоа сум тренер: кога не го добиваш она што го сакаш, тешко е да го прифатиш, - порача Лучо.
Во новото коло првакот е домаќин на Ница.







