Првата епизода од анимираната серија „Буквождер“ ќе биде емитувана премиерно на 8-ми ноевмри во 20:15 часот на МРТВ и јутуб страницата на „Бушава азбука“, како и на каналите на Види Вака, а сè со цел да стигне до што е можно повеќе деца и родители во Македонија и дијаспората.
„Буквождер“ е нова македонска анимирана серија за деца која ја слави магијата на јазикот, пријателството и заедништвото. Нашите мали херои, Дарија, Марко и Филип заедно со нивниот чудесен сојузник бувчето Ѕе, тргнуваат во авантури полни со хумор, музика и корисни знаења за јазикот и секојдневниот живот. Секоја епизода носи нова мисија и јасна поука, за да биде подеднакво интересна и за децата и за возрасните.
„Многу сум среќен дека конечно „Буквождер“ ќе ја доживее својата премиера. Проект кој е работен со многу љубов и феноменална екипа на која сум многу горд. Носиме свежа и многу потребна забавно-образовна содржина за деца!“ - Георги М. Унковски, режисер и продуцент.
„Буквождер“ е новото официјално поглавје од проектот „Бушав свет“, токму во годината кога одбележуваме 40 години од првото емитување на „Бушава азбука“, копродукција на 2БА Продукција, Види Вака раскажувачко студио и МРТВ.
„Ова е едукативна авантура има за цел да поттикне љубопитност кај децата и кај возрасните, но и да ги поврзе световите на „Бушава азбука“ и „Буквождер“, да си ги вратиме бушавите букви дома преку една нераскажана приказна за нив што ќе пополни една голема празнина од 40 години и ќе нè одведе поблиску до реализација на „Бушав буквар“, последното дело на Горан Стефановски и играно продолжение на „Бушава азбука“. Со емитување на МРТ и паралелна дистрибуција на нашите социјални мрежи, ја правиме серијата достапна, бесплатна и блиска до семејствата.“ - Горан Игиќ, продуцент на Буквождер и ко-основач на Види Вака раскажувачко студио.
Првата сезона од „Буквождер“ има 10 епизоди и е планирано покрај нив да се појават и дополнителни содржина како песни, едукативни видеа, сликовници, игри за развој на креативноста и слично.
Гласовите на Дарија, Марко и Филип ги позајмуваат Ивана Павлаковиќ, Дамјан Цветановски и Ангела-Александра Ивановиќ, а сценариото е на Калија Киселичка.
Георги М. Унковски е режисер и продуцент на серијата, Томи Џуровски е уметнички директор, дизајнот на звук е на Сашко Поттер Мицевски, ко-дизајн на звук Марко Наумовски.
Тимот аниматори е составен од Горан Менков, Никола Димов и Дамјан Михаилов, а монтажата е на Марјан Николовски. Композитор на музиката е Георги Шарески.
Продуценти на серијата се Горан Игиќ и Мите Кузевски.
Комерцијален текст
 
                                






