Анѓела (20) и Милош (21), кои заедно загинаа во несреќата во Нови Сад, очекувале бебе: Само два дена подоцна сакале да ја соопштат радосната вест, трагичната приказна за нив ги кине срцето и душата

Точка

04/11/2025

21:52

1.269

Големина на фонт

а а а

Анѓела Руман (20) и Милош Милосављевиќ (21) се две од 16-те жртви на падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, пред една година — на 1 ноември 2024 година. Анѓела била бремена, што нејзиното семејство, како и семејството на Милош, го дознале дури по несреќата.

Горан Милосављевиќ, таткото на настраданиот Милош, раскажа за медиумите дека кобниот ден неговиот син отишол кај сестра му, која живее во Нови Сад. Со мајка си, која работи на 10 минути од железничката станица, се видел и слушнал пред несреќата.

„Биле на пијачка, па сестра му го одвезла на станица за да се сретне со Анѓела и да тргнат за дома. Имале план – бидејќи нему роденденот му беше на 31 октомври – во сабота, на 2 ноември, да направат голема прослава на фудбалското игралиште кај нас. Но, видете што нè снајде“, раскажа тој.


Потоа објасни што правел кога слушнал дека паднала настрешницата на влезот од станицата.

„Бев дома, работев нешто. Ми се јави сопругата и ме праша дали сум се чул со Милош. Реков ‘не’. А таа ми рече, вознемирено: ‘Јави му се, и ако се слушнете, нека ми се јави и мене!’. Ми стана чудно што и таа и ќерка ми постојано ме бараат и прашуваат за Милош и Анѓела. Нешто не ми даваше мир“, вели Горан Милосављевиќ.

Кога го побарал синот, не добил одговор.

„Ја прашав сопругата што се случува, и тогаш ми рече дека се случила несреќа на станицата. Помислив дека сигурно е заминат, можеби е во автобус, игра игри на телефонот, па не сака да го прекинуваме. Тоа ми беше прво на ум“, раскажува Горан.


Во меѓувреме, семејни пријатели почнале да се распрашуваат за несреќата.

„Ми се јавија и неговите од клубот, да прашаат каде е Милош бидејќи не се јавува. Сакаа да прашаат за попладневниот тренинг. Некако ми делуваше како да ме смируваат во некој шеговит тон: ‘Милош откако има девојка воопшто не се јавува’. Се сеќавам дека во тој манир им одговорив дека тоа се ‘машки работи’“.

„Го видов името и презимето на вести“

Мајката и сестрата на Милош биле цел ден пред болницата и кај станицата. Сопругата го прекорувала што не доаѓа во Нови Сад, а тој ѝ рекол: „Вратете се дома, ќе нè известат за сè“.

„И така, за жал, и беше. Во 19:50 на вести го видов името и презимето на мојот син. Објавија дека загинал. Две минути подоцна, полициска патрола се паркира пред куќата. Излегоа четворица полицајци да ме известат дека го изгубив синот“, раскажа тој.

Следувала формална идентификација на телото.

„Беше облечен во тренерки, само дуксерот му беше крвав. На белите патики немаше ни капка крв, дури и телефонот му беше недопрен. Имаше повреда на левата страна од главата и на рамото“, вели Горан, додавајќи дека сите одговорни за трагедијата на железничката станица во Нови Сад треба да одговараат.


„Анѓела била бремена“

Таткото на Милош открил дека дури по трагедијата дознале дека Анѓела била бремена и дека очекувале бебе.

„До тој ден не знаевме дека неговата девојка е трудна. Планирале да нѝ соопштат на семеен ручек“, објасни тој.

Анѓела Руман и Милош Милосављевиќ планирале семеен ручек за 3 ноември 2024 година. За жал, сите планови биле уништени два дена претходно, во петок, кога двајцата загинаа на железничката станица во Нови Сад.

Мајката на Анѓела: „Проклетиот 1 ноември ми зема сè“

Зорица Руман, мајката на трагично загинатата Анѓела, често се обраќа на социјалните мрежи.

По повод 21-от роденден на својата ќерка, напиша емотивна порака:

Tog 30.03. 2004 u ranim jutarnjim satima, sam bila naj srećnija majka na svetu, ugledala su me prelepe okice, taj pogled...

Posted by Zorica Ruman on Saturday, March 29, 2025

„На тој 30.03.2004, во раните утрински часови, бев најсреќната мајка на светот кога ги видов тие преубави очи. Тој поглед и тој момент и ден-денес го паметам. Тогаш не добив само ќерка, туку и најдобра пријателка. Многу поминавме заедно – ти секогаш беше нашата ѕвезда водилка. Толку планови, толку неостварени желби. Од полагањето на возачкиот испит, па до твоето: ‘Ќе патуваме насекаде, само јас, ти и Миша’. Толку многу сè, а проклетиот 1 ноември 2024 ми зема сè. Денес, наместо да дуваме роденденски свеќички, мојата треперлива рака ти пали свеќа. Наместо тебе, го бакнувам студениот мермер и полагам цвеќе на твојот гроб. Среќен ти небесен роденден“, напишала мајката на Анѓела Руман.

Зорица претходно изјави за медиумите дека чека институциите конечно да ја завршат својата работа и да се открие кој е виновен за трагедијата.