Презентирајќи ги извештаите за земјите кандидатки за членство во ЕУ, пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, еврокомесарката за проширување Марта Кос накратко спомена дека Северна Македонија е целосно усогласена со Надворешната и безбедносна политика на ЕУ и дека продолжува со работата на деловите поврзани со Кластерот 1.
Северна Македонија мора да ги направи уставните измени за да го продолжи својот пат кон Европската Унија, порача таа.
„Северна Македонија, како што реков, остана целосно усогласена со CFSP (Заедничката надворешна и безбедносна политика) и ја продолжи техничката работа на Патоказите и на Акцискиот план поврзани со Кластерот 1, но земјата не презеде одлучни чекори да напредува во процесот на пристапните преговори во изминатата една година.

Таа мора да ги донесе уставните измени согласно заклучоците на Советот на Европа од 2022 година за да напредува на својот пат кон Европската Унија“, нагласи Кос.
ЕУ: Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија постигнаа значителен напредок кон членство во ЕУ
Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија постигнаа значителен напредок на својот пат кон ЕУ во изминатата година, додека другите земји-кандидатки ќе мора да инвестираат повеќе, изјави денес комесарката за проширување Марта Кос.
„Значителниот напредок постигнат досега од Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина на нивниот пат кон ЕУ покажува дека реформите се исплатуваат. Ова треба да послужи како силна мотивација за сите земји вклучени во процесот“, рече Кос, презентирајќи го извештајот за напредокот на земјите-кандидатки и потенцијални кандидатки пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент.

Кос нагласи дека проширувањето на Европската Унија би можело да стане реална можност со оглед на забрзаното темпо на конвергенција на некои земји. За да се случи проширувањето, земјите-кандидатки треба да се подготват да ги преземат одговорностите за членство, додека Европската Унија треба да се подготви за проширување, додаде Кос.
Кос нагласува дека следната година ќе биде „момент на вистината“ за сите земји-кандидатки, особено за оние со амбициозни планови за завршување на преговорите.











