Со длабока емоција и човечност, писателката и поетеса Билјана Андоновска ѝ посвети трогателна песна на мајката на прерано починатиот музичар Ѓорѓи Ѓоргиев од познатиот бенд ДНК - на мајка која ја носи болката, на родител кој останува со меморијата.
Песната, едноставно насловена „За мајката на Ѓорѓи“, е објавена како дар и како спомен, во време кога Македонија тагува по сите загубени животи од трагедијата во дискотека „Пулс“ во Кочани.
За мајката на Ѓорѓи...
( тапанар Днк бенд 💔)
Зорице моја,
Знам дека боли.
И знам дека срцето ти го знам, иако не те...
Posted by Билјана Андоновска- писател и поет; Biljana Andonovska on Петок, 31 октомври 2025
Во овие зборови на Андоновска, се чувствува тишината на болката, но и светлината на верата дека љубовта меѓу мајка и син никогаш не згаснува, дури ни по смртта. Со својствена поетска едноставност, таа ѝ се обраќа на мајката Зорица, споделувајќи ја тагата и силата што произлегува од неа.
За мајката на Ѓорѓи...
Зорице моја,
Знам дека боли.
И знам дека срцето ти го знам, иако не те запознав.
Ти, најсилна моја која со тешка рака името Ѓорги на лист за помен за Задушница ќе го напишеш.
Твоето јагне кое не на листот да го напишеш,
ами сакаш силно да го гушнеш.
И ете гушнати сте.
И посакуваш толку да го стегнеш, па да се смеете ко некогаш.
Тропна тапанот и срцето ти се разигра....
Мигови...
И пак се враќаш за миг тука кај листот.
Тагата те чека.
Пустата, никако да замине.
Крстот ти натежнува,
но не го оставаш.
Знаеш мила моја, знаеш дека јагнето ти е тука.
Зад крстот.
Со Бога.
Сака мајка му радосна да е.
Те гушка крадешкум кога спиеш.
И сила ти дава да издржиш.
И ти шепоти:
А, што се деновите земни наспроти вечноста?
Што е тагата наша, спрема радоста рајска?
И кога дете ќе сретнеш, гушни го силно.
Оти секое дете јагне е.
Знаеш што?
Чајот од мајчина душичка што во ракава ми е,
топол и миризлив е како срцето твое....“.
Со оваа песна, Андоновска не само што ја изразува болката на една мајка, туку и создава поетски споменик на љубовта и вечната поврзаност меѓу родител и дете. Во време кога зборовите често се празни, нејзината поезија зборува со душа, тивко, но незаборавно.
Автор: Ц.Н.









