Доста полемики предизвика интервјуто на Пирс Морган со Кристијано Роналдо, во кое славниот Португалец изјави дека освојувањето на Светското првенство не го загрижува многу и дека тој трофеј нема да ја дефинира неговата кариера.
„Ако ме прашате, Кристијано, дали е сон да се освои Светско првенство? Не, тоа не е сон. Дали еден освоен турнир, од шест или седум натпревари, може да дефинира дали сум еден од најдобрите во историјата? Мислите ли дека тоа е фер?“, рече Роналдо.

За разлика од него, „вечниот ривал“, Аргентинецот Лионел Меси, смета дека освојувањето на Светското првенство е врвно признание во неговата неверојатна кариера.
За потсетување, Меси со Аргентина во 2022 година во Катар го освои Мундијалот, а на „America Business Forum“ изјави дека секој играч треба да се стреми кон освојување на Светското првенство.
„Вистина е дека тешко е да се опишат чувствата во тој момент. Тешко е со зборови да се објасни што значеше тој трофеј – за мене лично, за моето семејство, за соиграчите и за земјата. Беше јасно колку земјата славеше, каква потреба и желба имавме тоа повторно да се случи по толку време“, рече Меси и додаде:

„За еден играч, освојувањето на Светското првенство е ултимативно достигнување. Тоа е како секој професионалец во својот бизнис да го достигне самиот врв. По Светското првенство нема ништо повеќе. Не можете да барате ништо повеќе. И покрај тоа, имав среќа претходно да ги остварам сите други цели. Тоа беше делот што недостигаше. Беше како да ја затворам целата своја кариера со тој трофеј“.