Романскиот град Рамнику Сарат го привлече вниманието на пошироката јавност од целосно бизарна причина – улица на која се поставени дури 11 пешачки премини.
Иако оваа улица во градот на југоистокот на Романија не е позната по густиот сообраќај, властите одлучиле на само 250 метри пат да постават вкупно 11 пешачки премини.
Градските советници тврдат дека ова е направено за безбедност на граѓаните, а целиот проект бил финансиран со средства од Европската унија.

Сепак, граѓаните не се согласуваат со оваа идеја.
„Имале вишок боја и немале каде да ја употребат. Ваква улица нема никаде во светот. Никогаш порано не сум видел нешто слично“, изјавил еден од жителите.
Заменик-градоначалникот објаснува дека проектот бил осмислен со цел да се спречи пречекорување на дозволената брзина.
„Сите знаеме дека законското ограничување на брзината не се почитува секогаш, било во населени места или надвор од нив. Добивме барања откако рехабилитиравме една друга улица, и веќе следниот ден граѓаните бараа да поставиме покажувачи на брзината. Можеби изгледа дека има премногу пешачки премини, но прописите налагаат секоја раскрсница да има пешачки премин“, изјавил заменик-градоначалникот Флориан Николае.

Покрај пешачките премини, на улицата ќе бидат поставени и вкупно 22 сообраќајни знаци — по два за секој премин.
„Во тој дел нема градинки, училишта, ниту станици на јавен превоз кои би го оправдале големиот број ознаки. Патот завршува во слепа улица, а возачите не возат со голема брзина. Ситуацијата отвора прашања за тоа како се почитувале прописите и логиката на патот“, наведуваат романските медиуми.
Ознаките се толку чести што возачите се принудени постојано да кочат, а пешаците, парадоксално, изгледаат повеќе збунети отколку заштитени.