Цените на електричните автомобили сè повеќе се израмнуваат со цените на возилата со мотор со внатрешно согорување, покажува најновата анализа на пазарните трансакции на германскиот автомобилски експерт Фердинанд Дуденхофер.
Според податоците, разликата во просечно платените цени меѓу 20-те најпродавани електрични модели и 20-те најпродавани бензинци изнесува околу 1.600 евра, додека во септември 2024 година таа разлика надминувала 7.500 евра, пренесува „Wirtschaftswoche“.
Овој тренд не се темели на официјалните ценовници, туку на реални пазарни трансакции – односно на износи што купувачите ги плаќаат по одобрените попусти и промотивни понуди.

„Дневни регистрации“ и попусти како фактор
На приближувањето на цените влијае и практиката на купување возила со т.н. „дневни регистрации“, кога производителот или авто-дилерот накратко го регистрира автомобилот на себе, најчесто на само еден ден, а потоа го продава како „половен“. Во реалност, тие возила се практично нови, без или со минимална километража.
Бидејќи таквото возило повеќе не се води како „ново“ во регистарот, производителот може да го продаде со поголем попуст, без формално да ја наруши официјалната ценовна политика и ценовникот.

Производителите со сè поагресивни понуди
Дуденхофер наведува дека производителите како „BMW“, „Opel“ и „BYD“ моментално нудат значително поголеми попусти отколку минатата година, што директно придонесува за приближување на цените меѓу двата сегмента.
Со растот на производствените серии и стабилизацијата на синџирите на снабдување, трошоците за производство на електрични модели дополнително ќе се намалуваат.
Според проценките на експертот, трендот на израмнување на цените меѓу електричните и бензинските автомобили ќе продолжи, со што електричните возила сè повеќе ќе стануваат реална алтернатива за поширокиот пазар.







