Министерството за внатрешни работи заедно со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ја започнаа зимската кампања под мотото „Вози безбедно – стигни сигурно“, со превентивно-едукативна активност на наплатна станица „Петровец“, спроведена заеднички со полициски службеници од Секторот за сообраќајни работи при Бирото за јавна безбедност и полициски службеници од Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Во пресрет на зимските услови, кампањата има за цел да ги да потсети возачите дека од 15 ноември до 15 март задолжително е поседување на пропишана зимска опрема, како и да ги едуцира возачите за правилно користење на истата.
Под пропишана зимска опрема за моторни возила до 3.500 кг се подразбира зимски пневматици со минимална длабочина на шарите на слојот што гази по обем и широчина од 4 мм на сите четири тркала или летни пневматици со минимална длабочина на шарите на слојот што гази по обем и широчина од 4 мм на нагазен слој по ширина и должина и синџири за снег за погонските тркала. За возила со моторен погон на сите четири тркала (4×4) зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази по обем и широчина од 6 мм или летни пневматици со минимална длабочина на шарите на слојот што гази по обем и широчина од 4 мм и синџири за снег, известува МВР.
Зимските услови носат повисок степен на ризик: лизгави коловози поради снег, мраз или „голомразица“, намалена видливост поради густа магла или врнежи, подолг пат на сопирање и нестабилност при нагли движења, како и зголемена заморливост кај возачите.
Министерството за внатрешни работи и РСБСП апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги следат следниве препораки:
- следете ги информациите за временските услови на патиштата;
- прилагодете го возењето според условите на патот;
- почитувајте ги сообраќајните правила и прописи и патната сигнализација;
- носете зимска опрема во возилото и користете ја соодветно;
- направете зимска проверка на возилото;
- одржувајте безбедно растојание меѓу возилата;
- избегнувајте нагло сопирање и нагло намалување или зголемување на брзината на возилото.
„Со оваа кампања ја испраќаме пораката дека безбедноста на патиштата е заедничка обврска и само така може да се изгради култура на одговорно и безбедно однесување во сообраќајот“, додаваат од МВР.











