Денес ќе објавиме серија на информации кои отвораат сериозни сомнежи дека мега скандалот со корупцијата во ИПАРД фондовите води директно до врвот во власта, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„Илија Стоилев додека ја вршел функцијата Директорт на Агенцијата за финансиска поддршка, бил и активен претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Свети Николе. Она што е интересно е дека Стоилев е близок пријател на Игор Миќев викан Панкерот кој пак е во кумска односно кумашинска врска со премиерот Христијан Мицкоски. Од информациите кои ги добиваме од свиркачи, вработени во Министерството за земјоделие, токму Панкерот, кумот на Христијан Мицкоски, се однесувал деспотски во министерството вршејќи притисоци врз вработените за распределба на средства за субвенции и концесии. Од она што е доставено до нас од овие свиркачи токму кумот на Мицкоски се споменува како можен главен задолжен за сите криминални шеми и притисоци во министерството“, рече Кузеска.
Затоа, додаде таа, според истите информации и тој требало да биде опфатен со истргата.
„За ситуацијата да биде уште посериозна, кумата на Мицкоски и сопруга на Панкерот е вработена во Агенцијата за финансиска поддршка од каде според информациите кои се доставени до нас, без нејзино одобрение не се пуштала ниту една исплата на парите од ИПАРД програмите. Денес Христијан Мицкоски директно треба да одгвори. Дали под истрага се и неговите кумашини Игор и Цветанка Миќеви? Дали имало провизии и дали дел од провизиите завршувало кај него или во ВМРО-ДПМНЕ?“, праша Кузеска.
Таа побара истрагата за овој случај да биде проширена од страна на обвинителството и да се истражат сите други злоупотреби кои се случувале во агенцијата и во сектор земјоделие за кој вели дека е еден од најкорумпираните сектори откако ВМРО-ДПМНЕ дошле на власт.











