Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски денес присуствуваше на свечениот настан за пуштање во употреба на Интегрираниот информациски систем за шуми (IFIS), кој означува историска пресвртница во дигитализацијата на македонскиот шумарски сектор.
На настанот, министерот истакна дека IFIS системот претставува крај на застарените процеси базирани на хартија.
„Ова означува значаен пресврт од застарени процеси базирани на хартија кон целосно дигитален пристап базиран на податоци. Со IFIS, градиме поодговорен систем за шумарство”, изјави министерот Трипуновски.
IFIS системот, кој е дел од проектот финансиран од Европската Унија, служи за следење на тековите на дрва, следење на шумските пожари, мапирање на биодиверзитетот и поддршка на ефикасно планирање на шумите.
„Овој проект е доказ за нашата заедничка посветеност на Владата и Европската Унија да изградиме шумарски сектор кој е модерен, транспарентен, усогласен со стандардите на ЕУ и одржлив за идните генерации”, нагласи министерот.
„Како министер, ве уверувам дека министерството ќе продолжи да го движи овој процес напред – во партнерство со експерти, институции за да се обезбеди долгорочна одржливост, конкурентност и кредибилитет на шумарскиот сектор. Процесот на реформи продолжува“, заклучи тој.
Министерот изрази благодарност до Делегацијата на ЕУ, тимовите во Министерството, секторот Шумарство и ловство, ЈП „Национални шуми“ и сите вклучени институции за нивната улога во овој реформски процес.







