[ВИДЕО] Детали за „викенд-снајперистите“ во Сараево: Носеле пушки како да одат на лов

Макфакс

13/11/2025

13:39

1.530

Големина на фонт

а а а

Обвинителството во Милано повторно ја активира истрагата за т.н. викенд-снајперисти – странци кои за време на опсадата на Сараево биле платени да пукаат врз цивили. Како дел од постапката, италијанските обвинители побараа увид во сведочењето на американскиот пожарникар Џон Џордан од 2007 година дадено пред Хашкиот трибунал.

Џордан тогаш изјавил дека видел вооружени мажи што не личеле на локални жители и дека биле придружувани од водичи. Тој опишал дека носеле комбинација од цивилна и воена опрема и пушки што личеле на ловечко оружје. Според него, снајперистите често ги таргетирале најмладите во семејствата – деца што оделе со возрасни или девојчиња.

Италијанското Обвинителство, предводено од обвинителот Алесандро Гобис, ја проширува истрагата и врз можни италијански државјани што учествувале во вакви злосторства. Во постапката се вклучени и документи од поранешната италијанска разузнавачка служба СИСМИ, која, според сведочења, имала сознанија за присуство на странски платеници во Босна и Херцеговина.

Истрагата се води за евентуално намерно убиство извршено со суровост и злобни мотиви, како и за идентификување на организаторите на викенд-турите и лицата што плаќале за учество.

Опсадата на Сараево траеше од април 1992 до февруари 1996 година, при што градот беше секојдневно изложен на гранатирање и снајперски напади.