Угледниот гастроентеролог од „Harvard“, д-р Саураб Сети, ги повика луѓето да ги преиспитаат своите навики при пиење чај, бидејќи тие можат штетно да влијаат врз цревата и црниот дроб. Според податоците на „UK Tea & Infusions Association“ (UKTIA), 84 проценти од жителите на Обединетото Кралство пијат чај секој ден – повеќе од 100 милиони шолји дневно, односно околу 36 милијарди годишно.
На својот профил на „Instagram“, каде има 1,3 милиони следбеници, д-р Сети напиша: „Јас сум гастроентеролог и ова се седумте најлоши навики при пиење чај кои ви ги уништуваат цревата и црниот дроб.“ Еве кои навики ги издвојува:
1. Пиење чај на празен желудник
Д-р Сети објаснува дека чајот на празен желудник ја иритира желудочната слузница поради киселоста, кофеинот и танините. Тоа може да предизвика киселини, мачнина и намалена апсорпција на железо.
2. Засладени чаеви
Тој посочува дека ладните и млечните чаеви често содржат од 30 до 40 грама шеќер. Редовната консумација на такви пијалаци го зголемува ризикот од неалкохолно замастување на црниот дроб и дијабетес.

3. „Detox“ и чаеви за слабеење
Д-р Сети открива дека „состојката за слабеење“ во овие чаеви најчесто е лаксатив. Претерувањето може да предизвика дехидрација, нерамнотежа на електролити и оштетување на цревата.
4. Претерување со зелен чај во форма на екстракт
Зелениот чај е здрав, но д-р Сети предупредува дека додатоците со екстракт од зелен чај не смеат да се користат прекумерно. Тие се поврзуваат со ретка, но реална токсичност на црниот дроб.

5. Пиење премногу жежок чај
Советува чај да не се пие над 65°C, бидејќи оваа температура е поврзана со зголемен ризик од рак на хранопроводот. Се повикува на студија од 2020 година, која покажала дека редовно пиење чај потопол од 65°C значително го зголемува ризикот од карцином на хранопроводот.
6. Чај со кофеин доцна навечер
Иако чајот има помалку кофеин од кафето, д-р Сети нагласува дека може да го наруши сонот. Тоа го отежнува ноќното обновување на црниот дроб и цревата.

7. Премногу „bubble“ чаеви
Тој предупредува дека „bubble“ чаевите содржат многу шеќер и „скриени калории“, особено поради топчињата од тапиока. Таквите навики можат да доведат до инсулинска резистенција и замастен црн дроб.








