Докторите велат дека речиси 80 отсто од случаите на болести на срцето можат да се спречат или добро да се исконтролираат со здравите животни навики.
Инфарктот и мозочниот удар се состојби кои можат во поголема мера да се спречат со контрола на четири ризик фактори.
Новото истражување потврдува дека во 99 отсто од случаите следните ризик фактори претходеле на срцев или мозочен удар:

1. Зголемен крвен притисок.
2. Висок холестерол.
3. Шеќер во крвта.
4. Пушење цигари.
Речиси секоја личност која доживеала инфаркт или мозочен удар имала барем еден од овие четири главни ризик фактори.
Според здравствените податоци на повеќе од 9 милиони возрасни лица од Јужна Кореја и САД, речиси секоја личност која развила срцеви заболувања имала еден од овие четири главни ризик фактори.
Комбинирано, наведените ризик фактори воочени биле кај 99 отсто од сите кардиоваскуларни проблеми во текот на долгорочното истражување и студиите објавени во „Journal of the American College of Cardiology“.
Студијата наведува дека и кај жените помлади од 60 години, инаку група со најмал ризик од кардиоваскуларни болести, повеќе од 95 отсто од срцевите и мозочни удари биле поврзани со некои од 4-те ризик фактори.
Зошто се важни редовните контроли на крвниот притисок?
Високиот крвен притисок најчесто претходи на инфаркт миокард или мозочен удар. Во САД и Јужна Кореја, над 93 отсто од луѓето кои доживеале срцев или мозочен удар или срцева слабост имале хипертензија.
Докторите нагласуваат дека контролата на хипертензијата би можела да биде клучен чекор во превенција на сериозните кардиоваскуларни болести во иднина.

„Сметаме дека студијата убедливо покажува дека изложеноста на еден или повеќе различни ризик фактори во речиси 100 отсто од случаите претходела на мозочен удар или инфаркт“, вели кардиологот д-р Филип Гринланд од Универзитетот Нортвестерн.
Гринланд додава дека задачата на докторите сега е уште поинтензивно да се фокусираат на контрола на овие ризик фактори.
Има ли „ненадејни“ мозочни или срцеви удари?
Авторите на студијата истакнуваат дека нивните резултати ги доведуваат во прашање неодамнешните тврдења според кои дошло до пораст на „ненадејни“ кардиоваскуларни состојби кај пациенти, без претходни ризик фактори.
Кардиологот на Универзитетот Дјук, д-р Нех Пагидипати којшто не учествувал во студијата, наведува дека резултатите ја покажуваат важноста на контролата на ризик факторите пред да дојде до сериозни, потенцијално фатални последици.










