[ФОТО] Ова е човекот кој би можел да стане иден претседател на голема европска сила?

Точка

28/11/2025

22:33

987

Големина на фонт

а а а

Има само 30 години, огромен број следбеници на социјалните мрежи и би можел да стане претседател на Франција во 2027 година. Џордан Бардела, лидерот на партијата „Национален собир“, привлекува млади луѓе и има сè подобри резултати во анкетите.

Според последните анкети на „Odox“, Бардела би победил на следните избори без оглед на против кандидатот.

Тој има силно присуство на социјалните мрежи – 1,2 милиони следбеници на Инстаграм и 2,2 милиони на ТикТок.


„Чувствуваме како да мисли на нас, на идните генерации и се обидува да ги подобри работите за нас“, изјавила за „Sky News“ млада девојка додека го чекала Бардела да пристигне на последната станица од неговата национална промотивна турнеја на неговата книга „Што сака францускиот народ“. „Сè што кажува е супер. Има и малку хумор“ додала нејзината пријателка. Ниту една од овие две девојки сега нема право на глас, но ќе го имаат до следните избори.

Платформа за претседателство

Новата книга на Бардела, „Што сака францускиот народ“, е неговиот пресек на Франција денес – раскажан низ очите на 21 „обичен“ Французин, веројатно внимателно избрани.

Збирката кратки раскази прикажува земја која се оддалечила од својот национален идентитет. Тоа е платформата на Бардела за претседателската кампања за 2027 година.


Хистеричен пречек на Бардела меѓу младите

Пречекот што го доби Бардела на промоцијата на неговата книга во источнофранцускиот град Везул беше хистеричен, особено меѓу младите. Повеќе од еден час, додека врнел дождот, тој би окружен со толпа што го скандирала неговото име и се туркала во неговиот видно поле за да направи скапоцено селфи.


Бардела со насмевка позирал за стотици фотографии со насобраните, доволно остроумен за да знае дека секоја објавена фотографија на Инстаграм или Фејсбук е бесплатна реклама за неговата кампања.

Но, не се сите обожаватели…

Везул е пријателски терен за Бардела, но Националниот собир останува токсичен бренд за многумина. Многу Французи не сакаат да го видат како нивен следен претседател.


Додека Бардела поминувал од еден штанд на друг на годишниот саем во градот, еден локален ученик одеднаш го нападнал и фрлил брашно врз него.

Напаѓачот, 17 годишник бил уапсен и однесен од полицијата која стоела настрана додека траел целиот циркус.

Обезбедувањето се обидело да ја спречи екипата на „Sky News“ да снима, трепкајќи со светла кон нивната камера и упатувајќи физички закани додека го воделе својот човек низ сега претежно празниот саем.

„Следниот пат ќе те претепам“, извикал еден од нив, мавтајќи со чадор.


Профилите на Бардела на социјалните мрежи подоцна не го споменале инцидентот. Доколку ги следите само нив, никогаш нема да дознаете дека нешто се случило.

Набргу потоа, исчистен и пресоблечен, Бардела повторно се смеел и позирал за неколку селфиња во хотел во центарот на градот.

На Франција ѝ е доста од експерти?

Бардела речиси и да нема искуство надвор од политиката – во „Национален собир“ влегол на 16 години, а го напуштил од факултетот.


„Тоа е аргумент кој често го слушам од моите политички противници, но само кога им одговара“, рече Бардела коментирајќи ги критиките дека е премлад и дека нема доволно искуство. „Кога е избран градоначалник на Њујорк на 34 годишна возраст, левицата ракоплеска. Кога Габриел Атал станува премиер на 33 години, десницата ракоплеска. Не верувам дека возраста е гаранција за ефикасност. Триесет години нè водат луѓе за кои ни велеа дека се експерти: луѓе од елитни училишта, луѓе претставени како најпаметни финансиски умови. Не можеме баш да кажеме дека резултатите биле извонредни“, додаде тој.

Детоксикација на брендот

Тој и партијата „Национален собир“ се обидуваат да се дистанцираат од отворено анитсемитските и расистички ставови на основачот Жан-Мари Ле Пен. Инаку ќерката нс Ле Пен, Марин Ле Пен не смее да се кандидира за претседателка откако оваа година беше осудена за проневера на средства.


Бардела ги прекинал врските со екстремистичката германска партија АфД. Но, иако се дистанцира од некои работи, Бардела и понатаму ги застапува ставовите за имиграцијата кои многумина ги сметаат за екстремни.


„Сите европски земји, вклучувајќи го Обединетото кралство, сфаќаат дека имиграцијата претставува закана за главните рамнотежи на општеството и за европските општества во целина, бидејќи создава напнатост, поттикнува несигурност, го нарушува нашиот идентитет и става економски и социјален товар врз јавните финансии“, истакна Бардела.

Доколку влезе во Елисејската палата, односот меѓу Париз и Брисел несомнено ќе се смени.


„Секој пат кога Европската унија ќе се вклучи во нешто, го претвора во катастрофа. Го предадовме земјоделството на ЕУ се случи катастрофа. Ја предадовме енергијата на ЕУ – компаниите се затвораат во Франција бидејќи цените на енергијата скокнаа, особено по почетокот на војната во Украина. И‘ ја предадовме имиграциската политика на ЕУ – повторно катастрофа“, нагласи Бардела.


Во својата визија на преобликувана Европа Бардела го гледа Обединетото кралство како важен играч, а има проукраински ставови. „Мировниот договор не може да се склучи под руски услови, бидејќи не ги потценувам – и никој не треба да ги потценува намерите и амбициите на претседателот Путин“.