Андриј Јермак, моќниот шеф на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, поднесе оставка.
Оставката следува по претресот на неговите простории што денеска го спроведоа агенти на Националното антикорупциско биро (NABU), а доаѓа во пресрет на најголемиот корупциски скандал што ја потресе Украина за време на мандатот на Зеленски, пишува „The Kyiv Independent“.
Скандал што го потресе врвот на државата
Во центарот на аферата е државната нуклеарна компанија „Energoatom“, а Националното антикорупциско биро на Украина (NABU) претходно овој месец обвини осум лица. Како лидер на групата, истражителите го именуваа Тимур Миндиќ, еден од најблиските соработници на претседателот Зеленски.

Двајца други функционери вмешани во скандалот, министерот за правда Херман Халушченко и министерката за енергетика Свитлана Гринчук, беа разрешени на 19 ноември, но против нив сè уште не е поднесено обвинение. Во истрагата е вклучен и Рустем Умеров, секретар на Советот за национална безбедност и одбрана, но ни тој досега не е обвинет. Во меѓувреме, Миндиќ избега од Украина пред да биде поднесено обвинение, а Зеленски го санкционираше и го стави на потерница.
Зеленски: Следува ресетирање на кабинетот
Оставката ја потврди и самиот претседател Зеленски. „Ќе следи ресетирање на кабинетот на претседателот“, изјави тој. „Андриј Јермак, шеф на кабинетот на претседателот, поднесе оставка. Благодарам на Андриј што секогаш го претставуваше ставот на Украина во преговорите точно онака како што требаше да биде“.
Зеленски додаде дека сака да „избегне гласини и шпекулации“. „Што се однесува до новиот шеф на кабинетот, утре ќе одржам консултации со оние кои би можеле да ја водат оваа институција“, најави тој.

Претседателот исто така коментираше кој ќе ја претставува Украина наместо Јермак, кој неодамна, на 23 ноември, беше именуван за водење на украинската делегација на преговорите со САД во Швајцарија. Тој рече дека украинската делегација во мировните преговори ќе ја сочинуваат секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана, началникот на Генералштабот и претставници на Министерството за надворешни работи и разузнавачките служби.
Јермак под сомнение на истражителите
„Украинска првада“, повикувајќи се на свои извори, извести дека самиот Јермак е вмешан во корупцискиот скандал и дека истражителите го споменуваат под кодното име „Али Баба“.
Главниот украински антикорупциски обвинител, Олександр Клименко, претходно во ноември изјави дека, според наводите на истражителите, „Али Баба одржува состаноци и доделува задачи на агенциите за спроведување на законот за да обезбеди гонење на детективите на „NABU“ и антикорупциските обвинители“.

Извор од полицијата откри за „Kyiv Independent“ дека една од луксузните куќи во близина на Киев, финансирана со пари од корупциската шема на „Energoatom“, била наменета токму за Јермак. Јермак не ги коментираше овие наводи, а од кабинетот на претседателот не одговорија на барањата за коментар.
Подемот и падот на моќниот соработник
Именуван во 2020 година, Јермак стекна огромно влијание во украинската влада. И покрај долгогодишните критики, Зеленски го бранеше со години, отфрлајќи ги тврдењата дека неговиот шеф на кабинет има премногу моќ.
„Јермак е моќен менаџер. Го почитувам поради неговите резултати. Го прави она што му велам и ги извршува тие задачи“, изјави Зеленски во интервју за „Bloomberg“ минатата година.
„Дојде со мене, ќе си замине со мене. И нема да остане на ниту една позиција“, рече претседателот уште во 2021 година.















