"Smart #6" ќе биде првата "plug-in" хибридна лимузина на оваа марка

Точка

11/12/2025

08:13

438

Големина на фонт

а а а

Се подготвува значаен чекор кон целосно нова насока за марката "Smart", откако во јавноста протекоа фотографии и спецификации од нивниот нов седан – plug-in хибрид со домет поголем од 1.800 km.

Иако неодамна официјално го најавија враќањето кон корените со лансирањето на моделот "Smart #2", како директен наследник на "ForTwo", во "Smart" планираат проширување на гамата и на спротивниот крај – со скоро претставување на нивната прва лимузина. Од кинеското Министерство за индустрија и ИТ протекоа првите фотографии и технички детали за моделот наречен "Smart #6", првата лимузинска изведба во историјата на оваа марка.


"Smart #6", според она што може да се види, означува радикален пресврт и воедно е најголемиот модел што "Smart" го произвел досега. Истовремено претставува отстапување од стратегијата на целосна електрификација, па добива нов plug-in хибриден погон. Според првичните информации, системот развива околу 430 коњски сили вкупно, а во идеални услови забележува деклариран комбиниран домет од приближно 1.800 километри според кинескиот стандард „CLTC“.


Скоро голем како E-класа

Новиот "Smart #6" EHD е конципиран како лимузина со fastback силуета, LED светлосна лента по целата ширина напред и назад, како и скриени рачки на вратите и странични камери што ја нагласуваат аеродинамичната чистота. Каросеријата е долга 4.906 mm, широка 1.922 mm и висока 1.508 mm, со меѓуоскино растојание од 2.926 mm – што го прави поголем од "BMW Серија 3" и "Mercedes C-Class", а по димензии блиску до "Mercedes E-Class". На задниот дел се истакнуваат активниот спојлер и благо вовлечениот капак на багажникот, а моделот сериски доаѓа со 19″ или 20″ тркала и бројни можности за персонализација.


Во срцето на погонот се наоѓа системот „Electric Hybrid Drive (EHD)“ кој комбинира 1,5-литарски турбобензинец со електромотор и тристепен хибриден пренос. Системот е проектиран да обезбеди силно, но економично забрзување. Вкупната сила изнесува 429 коњски сили, а LFP (литиум-железо-фосфатна) батерија овозможува до околу 285 km чисто електрично возење според CLTC, со просечна комбинирана потрошувачка од околу 3,9 l/100 km. Со полн резервоар и батерија, "Smart" наведува вкупен домет од приближно 1.810 km, што го позиционира моделот #6 меѓу најиздржливите plug-in хибриди на пазарот.


На надворешноста, покривниот "lidar" и камерите упатуваат на напредни системи за асистенција и повисоко ниво на полуавтономно управување. Внатрешноста сè уште не е целосно откриена, но извори наведуваат дека "Smart #6" ќе има дигитален кокпит со голем централен екран и гласовен асистент поддржан од вештачка интелигенција. Според достапните информации, "Smart #6" најпрво ќе биде лансиран на кинескиот пазар, најверојатно во текот на следната година.