Ферари 550 Маранело од 1997 година, кое му припаѓало на Мајкл Џордан во периодот кога со Чикаго Булс ја освојувал петтата и шестата шампионска титула е понудено на продажба.
Автомобилот, познат и од документарната серија „The Last Dance“, ќе биде понуден на аукција на аукциската куќа „Joopiter“, а се очекува да достигне исклучително висока цена, пишува „Robb Report“.
Џордан, познат по својата страст кон луксузните автомобили, поседувал бројни модели, но ретко кој е толку тесно поврзан со неговата кариера како ова Ферари 550 Маранело. НБА-легендата со години го задржал овој гран турер, кој послужил и како директна инспирација за дизајнот на патиките „Ер Џордан 14“.

Дизајнерските елементи на патиките, како логото „Jumpman“ (Џампмен), кое потсетува на амблемот на Ферари со исправениот коњ, прошиените кожени странични делови и петицата која го имитира профилот на автомобилска гума, се инспирирани токму од овој автомобил.

Приспособено за шампионот
Ферарито на Џордан, со број на шасија 108712 е примерок од втората година на производство на моделот. Каросеријата е обоена во црвената нијанса „Rosso Barchetta“, а автомобилот е опремен со хромирани бандажи „Speedline“.

Внатрешноста е обложена со кожа во боја на песок и има специјално приспособено возачко седиште. Поради висината на Џордан од 198 сантиметри, седиштето има продолжени шини и потенки перничиња. Автомобилот и денес ја носи персонализираната регистарска ознака „MJ 5“, која ја имал додека бил во сопственост на Џордан.

Перформанси и состојба
Автомобилот го придвижува напред поставен 5,5-литарски атмосферски V12 мотор, поврзан со шестстепен мануелен менувач. Моторот развива 485 коњски сили и 568 Nm вртежен момент, што му овозможува забрзување од 0 до 100 км/ч за 4,4 секунди и максимална брзина од 320 км/ч.

Во последните 24 години возилото било во приватна сопственост. Според километражата, која покажува помалку од 3.000 поминати километри, автомобилот ретко бил возен и бил внимателно одржуван.

Се очекува рекордна цена
Наддавањето за поранешното Ферари 550 Маранело на Џордан започнува денес, 15 септември, на аукциската платформа „Joopiter“, основана од Фарел Вилијамс.

Се проценува дека автомобилот би можел да достигне цена од 1,3 милиони долари, што би било двојно повеќе од досегашниот аукциски рекорд за овој модел на Ферари.















