Готвачот Никола Мишковски којшто на македонската јавност ѝ е најпознат од шоуто „Брза кујна“, во поткастот „Биди свој“ открил една необична ситуација која му се случила во Скопје.
Тој ја раскажал ситуацијата кога полиција го сопрела и направила претрес на неговото возило, откако самиот кажал дека има ножеви.
„Јас без нож, дефинитивно не можам. Тоа ми е окупација, пасија, цело време купувам ножеви. Во кола сега сигурно имам десет“, изјавил тој.
Тој раскажал дека ситуацијата станала навистина необична кога интервентната полиција го сопрела на рација.
„Со фантомки доаѓаат и ме прашуваат дали имам нешто да пријавам во гепек. Им велам дека имам ножеви. Велат: Иииии, ножеви? Им објаснувам дека сум готвач ама додека да сфатат кој сум. Отвораат, вистина ножеви. Јас ги имам спакувано како што треба, тоа ми е алат како на мајстор што му е алат штрафцигер“, раскажува Никола.
Тој открил и детали од професијата, велејќи дека работата во кујна често е тензична и исцрпувачка.
„Можам да издвојам еден куп моменти каде што сфаќам зошто мажите и жените тешко ја издржуваат оваа професија. Во кујната е дефинитивно тензично. Не знаете како е пред Нова година која има премногу работа“, вели искрено познатиот готвач.








