Питер Грин (60) ѕвездата на филмот „The Mask“ пронајден мртов во станот во Њујорк

Точка

13/12/2025

12:45

744

Големина на фонт

а а а

Американскиот актер Питер Грин (60), познат по улогите во култните филмови „The Mask“ и „Pulp Fiction“ вчера бил пронајден мртов во својот стан во квартот „Lower east Side“ во Њујорк.

Полицијата соопшти дека пристигнала на адресата вчера околу 15:25 часот, каде што го пронашла актерот без знаци на живот, а смртта била констатирана на самото место.

Веста за неговата смрт ја потврдил неговиот долгогодишен менаџер Грег Едвардс, кој соработувал со Грин повеќе од една деценија. Според достапните информации, нема сомнежи за насилна смрт, а точната причина ќе се утврди по обдукцијата.


Едвардс рекол дека Грин бил извонредна личност и актер, нагласувајќи дека зад силните и темни ликови што често ги толкувал стоел човек со големо срце. Тој додал дека многу ќе му недостига, и како пријател и како уметник.

Според медиумските извештаи, соседите пријавиле дека од станот повеќе од 24 часа се слушала музика, што довело до проверка на состојбата на актерот. Едвардс, исто така, рекол дека разговарал со Грин претходно во текот на неделата и дека немало индикации за трагедија.


Питер Грин бил ангажиран во нови проекти. Во јануари, требало да започне со снимањето на независниот трилер „Mascots“, во кој требало да глуми заедно со Мики Рурк. Тој, исто така, требало да глуми во криминалната драма „State of Confusion“, која треба да се снима во есен 2026 година во Њу Џерси и Њујорк.

Грин често толкувал улоги на негативец, а особено се истакна неговата улога на мафијашот Доријан Тирел во филмот „The Mask“ во кој глумел заедно Џим Кери и Камерон Дијаз. Меѓутоа и неговата улога како Зед, брутален обезбедувач во филмот на Тарантино „Pulp Fiction“ од 1994 година, останува една од највпечатливите во неговата кариера.


Роден е во Монтклер, Њу Џерси. Како тинејџер, го напуштил домот и живеел на улиците на Њујорк, а подоцна отворено зборувал за своите борби со зависноста и тешкиот животен период. Со актерство почнал да се занимава во средина на неговите дваесеттите години, а во текот на 1990-тите постигнал низа значајни филмски и телевизиски улоги.

Во кариерата што траела повеќе од три децении, тој има остварено речиси 95 актерски ангажмани, вклучувајќи ги „The Usual Suspects“, „Clean“, „Shaven“, „Blue Streak“, „Training Day“ и многу други.