Новиот пентхаус во Дубаи е продаден за дури 150 милиони долари, што претставува највисока цена платена за пентхаус не само во Обединетите Арапски Емирати, туку и на целиот Близок Исток.
Пентхаусот е продаден од агенцијата за недвижности „Binghatti Properties“. Се наоѓа во „Bugatti Residences“ во Бизнис беј, а се простира на 4.385 квадратни метри.
„Од почетокот на годината заземавме водечка позиција на пазарот на недвижности во Дубаи, со повеќе од 14.000 продадени единици, надминувајќи ги и јавните и приватните конкуренти“, изјави Мухамед Бингхати, директор на „Binghatti“.
Тој додаде дека „Binghatti“, како најбрзо растечки „играч“ на пазарот на недвижности во Дубаи, сега се искачил меѓу трите водечки инвеститори во градот, држејќи значаен пазарен удел според најновите податоци од „Dubai Land Department“.
Инвеститорот не го откри името на купувачот на овој пентхаус. Претходниот рекорд за најскап пентхаус во Дубаи го држеше 71-катниот облакодер „Como Residences“ на Палм Џумеира, чијашто завршница е планирана за 2027 година.
Луксузните недвижности во Дубаи привлекуваат бројни познати личности, меѓу кои и спортисти. Од „Binghatti“ наведоа дека Нејмар и Емерик Лапорт се меѓу јавните личности кои купиле недвижности во „Bugatti Residences“.













