Ако постои место што останува во сеќавање долго откако ќе си заминете, ова е едно од нив. Реката Рзав е блиска до душата – едноставно, тоа е љубов без крај. А Височка Бања, веднаш покрај нејзините јуришни брзаци, нуди топла вода што грее и зима и лето. Парче рај што лекува! Со овие зборови на социјалните мрежи се опишува една од најнеобичните бањи во Србија, за која сè повеќе и сè почесто се зборува.
Височка Бања на час и половина од Белград
Сместена во западните предели на Србија, Височка Бања е скриено богатство на земјата кое со години ги привлекува љубителите на природата, мирниот одмор и лековитите извори на вода. Височка Бања се наоѓа на околу 180–200 км од Белград, односно на околу три и пол часа возење со автомобил.

Височка Бања не е модерен спа-центар, туку природно, рустично место чиј потенцијал сè уште не е целосно искористен. Изворите се стари околу 80.000 години, а организираното користење на бањската вода за лекување започнува во 1936 година. Легендата вели дека термалната вода била „откриена“ благодарение на еден селанец кој забележал дека неговата стока со задоволство се валка во топлите извори и дека потоа е поздрава и полесно се движи.
Специфичноста на Височка Бања се огледува во нејзината минерална вода, која е природно термална, богата со калциум, магнезиум и други минерали, со благ алкален карактер. Височка Бања се наоѓа на реката Рзав, а водата извира од длабочините на повеќе места, речиси покрај самото корито. Топлата вода истекува од езерото по принципот на споени садови, бидејќи под сопствен притисок пронаоѓа отвори во карпите каде што отпорот е најмал – односно на најниската точка во кањонот. На површината излегува веќе загреана, но се лади при допир со речната вода.

Термални извори
Во последниве години Височка Бања го добила прекарот „српски Тајланд“ благодарение на комбинацијата од топли, термални извори, волшебна природа и релаксирачки амбиент, а ја посетуваат и млади и повозрасни.
Температурата на водата во изворите се движи од 36 до 38°C и во лето и во зима, што е идеално за бањи и хидротерапија.
Водата се препорачува за следниве состојби:
✔️ревматски заболувања;
✔️проблеми со зглобовите и коските;
✔️хронични воспаленија на мускулите;
✔️ишијас;
✔️проблеми со циркулацијата.

Сепак, како што се нагласува, не се препорачува капење без претходна консултација со лекар, особено доколку имате одредени здравствени тегоби или хронични заболувања.
Капењето во импровизираните базени е бесплатно, а сместувањето е речиси симболично. Имено, туристичкиот потенцијал на самата бања сè уште не е целосно искористен, па во околината може да се најде ноќевање за 700–800 динари (350-400 денари). Сместување може да се најде и во апартмани во Ариље, Ивањица или Пирот, но и во други околни места, а цените започнуваат од 1500 денари, па нагоре во сезона.
Што да се види и проба
Бањата е опкружена со ридови и густи шуми, што создава чувство на целосна изолација и мир. Во околината има планински патеки идеални за лесни прошетки или романтичен пикник покрај поток. Самото село Висока, во непосредна близина на бањата, според последниот попис има само 173 жители, а ако им затропате на врата, со задоволство ќе ве угостат со она што го имаат.

По капењето во Височка Бања, најдобро е да заминете на ручек во некое од околните места како што се Ариље или Ивањица. Задолжително пробајте јагнешко печење, домашни колбаси, пршута, проја со сирење, а за љубителите на благо тука се и савијачи со шумско овошје и мед.















