[ВИДЕО] Вечерва почнува зимска бајка на Плоштад Македонија: Елката ќе светне во 18 часот, Дедо Мраз ќе стигне на 27 декември

Макфакс

15/12/2025

15:12

1.422

Големина на фонт

а а а

Елката на Плоштад Македонија вечерва во 18 часот ќе биде осветлена со свечена церемонија, најави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски. До 31 декември секоја вечер со почеток во 18 часот ќе има празнична програма, а за дочекот, на барање на градоначалникот ќе пеат македонски музички ѕвезди.

„За првпат по неколку години стагнација во главниот град свечено ја почнуваме новогодишната приказна со церемонија за осветлување на градот поставувајќи темели на новата празнична традиција по примерот на најразвиените европски метрополи. Денес во 18 часот, во срцето на градот, на Плоштадот Македонија свечено ќе биде осветлена новогодишната елка и официјално ќе биде отворен новогодишниот маркет со што симболично го обележуваме почетокот на празничните случувања во нашиот главен град“, рече градоначалникот Ѓорѓиевски кој смета дека со оваа церемонија Скопје прави значаен чекор напред кон визијата да се развива рамо до рамо со современите европски градови.

Во периодот од 15 до 31 декември секојдневно од 18 часот ќе има празнична програма со музички настапи, диџеј сетови уметнички изведби и бројни изненадувања.

Секој викенд од 12 до 14 часот содржините се целосно посветени на најмладите со анимации, креативни работилници, интерактивни активности и празнични изненадувања.

„Ова е почеток на нешто ново, магично и возбудливо за нашиот град. Првпат во историјата Скопје ќе ја дочека новата 2026 година со вистинска новогодишна зимска бајка. Настан кој ги обединува сите генерации од најмладите до највозрасните заедно се семејствата, пријателите, сограѓаните. Скопје конечно ќе покаже дека може да биде весел, модерен и динамичен град, град кој наликува на светска метропола во срцето на Балканот“, вели градоначалникот Ѓорѓиевски.

Централниот дел од новогодишната програма започнува на 27 период во кој градоначалникот Ѓорѓиевски смета дека Скопје ќе живее во полн празничен ритам. Напладне на Плоштад Македонија ќе дојде дедо Мраз со подароци и изненадувања за сите присутни.

Посебна можност во празничните денови Град Скопје ќе им даде на талентираните средношколци.

„Публиката ќе има можност да ги слушне најталентираните скопски средношколци кои ќе настапат со свои музички изведби и свои бендови. Во програмата се вклучени сите средни училишта на градот Скопје како дел од заложбата за поттикнување на младинската креативност и активно учество во културниот живот на нашиот град. Ги поканувам сите граѓани, сите семејства и посетители заедно да ја започнеме новата традиција и да бидат сите дел од новогодишната магија создавајќи Скопје исполнето со светлина, радост и позитивна енергија“, повика градоначалникот Ѓорѓиевски.

Тој кажа дека имал само една желба околу дочекот, забавата да ја направам домашни музички ѕвезди, па за дочекот се најавени Каролина Гочева, Тамара Тодевска, Миле Кузмановски, Огњан Здравковски, Куку Леле, Лара, Пајак, Два Бона и Тина Перовска.

Зимската бајка Град Скопје ја организира со финансиска поддршка од Државната лотарија на Македонија.