Новата студија покажала: Мечките во Италија кои живеат во близина на луѓе се помалку агресивни

Точка

16/12/2025

11:52

269

Големина на фонт

а а а

Популација мечки кои ја населуваат централна Италија долго живеела во близина на луѓе, а истражувачите во најновата студија го испитале влијанието на тој факт и заклучиле дека апенинската кафеава мечка е помалку агресивна од другите видови.

Научниците го проучувале геномот на овој вид мечки и пронашле докази дека тие се однесуваат помалку агресивно од останатите, а наодите од студијата се објавени во списанието Молекуларна биологија и еволуција, пренесе „Oxford Academic“.

Како што велат авторите луѓето имаат огромно влијание врз животната средина, а со своето делување го менуваат екосистемот и живеалиштата на животните, но и нивното однесување.

Истражувачите утврдиле дека мечките кои во централна Италија живеат во близина на селата, еволуирале и развиле поинакви карактеристики од европските кафеави мечки.


Во студијата се наведува дека претходно истражување утврдило дека популацијата на апенинските кафеави мечки се одвоила од останатите европски видови пред 2.000 до 3.000 години, како и дека живеат во изолација во централна Италија, но сепак во близина на човечки населби.

Тоа довело до различни последици и влијаело врз намалување на нивната популација делумно поради ширењето на земјиштата и погустата населеност во централна Италија, пишува во студијата.

Истражувачите анализирале неодамнешни еволутивни промени и геном од овие животни и ги споредиле со поголеми популации на мечки од Словачка, како и со американски кафеави мечки.


Утврдено е постоење на понизок геномски диверзитет кај апенинската кафеава мечка како и манифестирање на намалена агресија, напишала коавторката на студијата Џулија Фабри.

Истражувачите веруваат дека дејствувањето на луѓето може да биде причина за тоа, бидејќи ги убивале агресивните животни, што придонело за ширење на генетски варијанти поврзани со намалена агресивност.

Тоа од една страна довело до демографски пад на популацијата мечки, а од друга страна предизвикало селективен притисок благодарение на кој помеѓу луѓето и овие животни се развил помалку конфликтен однос.

„Нашата студија ја поддржува хипотезата дека селекцијата која ја создале луѓето придонела за промени во однесувањето на мечките“, велат истражувачите.