Паметните телефони би можеле во просек да поскапат за 6,9 отсто во 2026 година поради недостиг на мемориски чипови, предизвикан од силната побарувачка од секторот на вештачката интелигенција (AI), се наведува во новото истражување на компанијата „Counterpoint Research“.
Оваа прогноза е значително променета во однос на претходната проекција, која најавуваше раст на цените на телефоните од 3,6 отсто, пренесува „CNBC“.
Покрај тоа, глобалните испораки на паметни телефони би можеле во 2026 година да се намалат за 2,1 отсто, за разлика од претходната прогноза која предвидуваше стабилен резултат или благ позитивен раст.

Главната причина лежи во растот на цените на мемориските чипови и тесните грла во синџирот на снабдување со полупроводници.
Експанзијата на AI дата-центрите ја зголеми побарувачката за системите на компанијата „Nvidia“, кои користат мемориски компоненти од производители како „Samsung“ и компанијата „SK Hynix“, водечки добавувачи на меморија на глобалниот пазар.

Особено е погоден DRAM, тип работна меморија што се користи и во AI дата-центрите и во паметните телефони.
Поради несоодветноста меѓу понудата и побарувачката, цените на DRAM значително пораснаа во текот на оваа година, што директно се одразува врз трошоците за производство на мобилните уреди.

„Counterpoint“ проценува дека кај телефоните од понискиот ценовен сегмент, под 200 долари, трошоците за материјали од почетокот на годината пораснале за 20 до 30 отсто, додека во средниот и повисокиот сегмент се зголемиле за 10 до 15 отсто, пишува „Tanjug“.
Истражувачите наведуваат дека компаниите најверојатно дел од тие трошоци ќе ги префрлат врз потрошувачите, што го објаснува прогнозираниот раст на просечните цени, а под посебен притисок ќе бидат кинеските производители на телефони во средниот и понискиот ценовен сегмент, се додава во истражувањето.









