Расте еко-одговорноста кај граѓаните: Влегуваме во нова ера на управување со амбалажниот отпад. Која општина е лидер, а која најслабо стои во селектирање?

Макфакс

16/12/2025

13:55

212

Големина на фонт

а а а

Поради повеќе различни фактори, дискусијата за собирањето и селектирањето на отпадот стана „жешка тема“ во нашето општество. Во некои општини веќе може да се забележат значајни промени, додека во некои други работите одат полека но сигурно во вистинска насока. И додека еколошката свест на граѓаните расте, а отпадната инфраструктура се зајакнува и се модернизира, останува да се постави прашањето: Што е потребно за граѓаните целосно да ја прифатат нивната еко-одговорност и каков треба да биде придонесот на локалните самоуправи за да се поттикне вакво однесување?

Воведувањето на нови практики на собирање и селектирање на отпадот се покажа како позитивен механизам кој ги натера луѓето да се заинтересираат за тоа каде завршува нивниот отпад и што можат да направат за истиот да нема негативен ефект кон околината. Таков е примерот со Повратните вендинг машини (ПВМ) кои ги поставува Пакомак заедно со Швајцарската амбасада, во кои граѓаните можат да одложуваат амбалажен отпад, а за возврат да добијат „зелени поени“ кои потоа можат да ги искористат по нивниот избор. Ова претставуваше значително олеснување на процесот на селектирање на отпадот, но и додадена вредност која беше одлично прифатена од граѓаните. За брзо време, еко-свесните граѓани почнаа да ги користат машините, што предизвика голем раст во бројот на собрани парчиња амбалажен отпад кои завршија на рециклирање.

А кога зборуваме за чисти, еколошки свесни и одговорни општини, тогаш мора да се издвои Битола како редок и навистина позитивен пример. Во овој град, односно на територијата на целата општина, во последните две години евидентно се забележува раст не само на свесноста, туку и на волјата на граѓаните да се вклучат во процесот на селектирање и рециклирање на амбалажниот отпад. Само како пример, во 2024 година битолчани одложија 34.061 килограм амбалажен отпад, а веќе во првите 10 месеци од 2025 оваа бројка порасна на 41.894 килограми. Преведено во парчиња отпад, тоа изнесува повеќе од 1.311.000 пластични шишиња и лименки кои наместо на депонија или уште полошо во природата, завршија во вендинг машините. Волуменот што го зафаќаат тие шишиња е повеќе од половина олимписки базен. Со нивното рециклирање во повратните вендинг машини се продолжува животниот век и капацитет на депониите и се заштитува животната средина, но и се заштедуваат природните ресурси бидејки тие шишиња се суровина за производство на нови шишиња.


Податоците добиени од Пакомак јасно укажуваат на тоа дека Општина Битола ужива големи придобивки од поставувањето на ПВМ, не само поради фактот дека амбалажниот отпад не завршува во обичните контејнери, туку и поради тоа што битолчани станаа далеку позаинтересирани околу начините на кои можат да ја одржат нивната околина чиста.

Од друга страна, пак, постои примерот на Општина Тетово. Впечатливо е дека и на територијата на оваа општина се поставени ПВМ, но трендот наместо раст, покажува пад на бројката на собрани парчиња отпад во 2025. Според податоците, тетовчани во 2024 година одложиле 560.176 парчиња отпад, додека во 2025 оваа бројка изнесува 553.120 парчиња. Важното прашање е: на што се должи овој пад?

Останува да полемизираме што може да биде причината... Дали се работи за потреба од поставување на повеќе ПВМ, за да можат да се покријат сите критични точки во општината? Или пак, можеби е потребно охрабрување на граѓаните преку дополнителни мерки што може да ги преземе самата Општина. На пример, повеќе општини како Берово, Кочани и Охрид ги субвенционираат „зелените поени“, на тој начин давајќи им поголема вредност. За секое одложено парче отпад, граѓаните на овие општини наместо еден, добиваат два „зелени поени“. Како по правило, ова влијае позитивно на граѓаните и количината на собран отпад на долг рок се зголемува.

Едно е сигурно: полека влегуваме во нова ера на собирањето и на управувањето со отпадот, за која мора да бидеме подготвени. Поставувањето на Повратните вендинг машини им овозможија на граѓаните да бидат наградени за нивната активност. А со отворањето на веќе најавениот мега погон за селектирање на отпад на Пакомак, Македонија дополнително ќе ја зајакне инфраструктурата за справување со отпадот и ќе се приклучи кон она што веќе одамна го прават развиените европски земји. Но, за тоа е потребна голема одговорност и соработка од граѓаните, општините и институциите.