ЗНМ и ССНМ: Каква било резолуција не смее да влијае на новинарската слобода на изразување

Макфакс

16/12/2025

14:51

151

Големина на фонт

а а а

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) укажуваат на одредени формулации во резолуцијата за миграцијата поднесена од партиите што се дел од владината коалиција до Собранието, кои се однесуваат на јавниот говор и медиумското известување. Притоа истакнуваат дека не навлегуваат во политичката, безбедносната или стратешката суштина на резолуцијата, ниту во дебатата за мигрантските политики.

„Неколку формулации во резолуцијата, кои се однесуваат на јавниот говор, дезинформациите и наводното нарушување на јавниот ред и мир, во ваква општа и недоволно прецизна форма може да бидат проблематични од аспект на слободата на медиумите и правото на информирање“, велат од таму.

Во соопштението се наведува дека особено загрижува фактот што во резолуцијата се прави директна врска меѓу дезинформации, ширење паника и примена на одредби од Кривичниот законик и други закони, без јасно и недвосмислено разграничување меѓу политичка пропаганда, јавно мислење и професионално новинарско известување. Ваквите формулации, велат од ЗНМ и ССНМ, оставаат простор за широко толкување и потенцијална злоупотреба, што може да има обесхрабрувачки ефект врз медиумите и новинарите.

„ЗНМ и ССНМ потсетуваат дека во демократско општество улогата на медиумите е критички да ги преиспитуваат изјавите и политиките на сите носители на власт, вклучително и преку поставување прашања, анализа и пренесување информации од јавен интерес, дури и кога тие информации се непријатни или контроверзни за власта. Таквото известување не смее да се изедначува со дезинформации, манипулации, лажни сценарија или закана за јавниот ред и мир доколку е засновано на професионални и етички новинарски стандарди.

Доколку постојат сомнежи за неетичко или непрофесионално известување, ЗНМ и ССНМ потсетуваат дека во државата веќе постојат воспоставени механизми за саморегулација, како што се Советот за етика во медиумите и Советот на честа, кои се единствениот соодветен пат за постапување во вакви случаи наместо решенија преку општи политички акти со потенцијално ограничувачки ефект кон слободата на изразувањето.

Апелираме институциите, при донесување резолуции, декларации или други акти, особено внимателно да ги формулираат деловите што се однесуваат на медиумите и јавниот говор со цел да не се создаде впечаток на притисок, цензура или закана за слободата на изразување, која е загарантирана со Уставот и со Европската конвенција за човекови права.

Слободните, професионални и независни медиуми и заштитата на правата на новинарите се клучен столб на демократското општество и на јавниот интерес“, се наведува во соопштението.