Светската здравствена организација (СЗО) денес соопшти дека новиот сој на вирусот на грип врши сериозен притисок врз здравствените системи ширум Европа, наведувајќи дека најмалку 27 од 38 европски земји под закрила на СЗО пријавуваат висока активност на вирусот.
„Интензивниот пораст на бројот на случаи на грип предизвикани од новиот доминантен сој на вирусот A(H3N2) се шири низ Европа, ставајќи ги здравствените системи во неколку земји под сериозен притисок“, соопшти СЗО, пренесува лондонскиот „The Guardian“.
СЗО во средата соопшти дека е регистрирана висока или многу висока активност на вирусот на грип во шест земји, меѓу кои Ирска, Србија, Словенија и Велика Британија.

Од организацијата наведуваат дека сезоната на грип оваа година започнала приближно четири недели порано отколку во претходните години и го повикува населението да го ограничи преносот на вирусот преку вакцинација, останување дома доколку не се чувствуваат добро и носење маска на јавни места при појава на симптоми на респираторна инфекција.
СЗО соопшти дека новиот сезонски грип сочинува до 90 проценти од сите потврдени случаи на грип во европскиот регион, но додаде дека нема докази дека овој сој предизвикува потешки форми на болеста.
„Грипот се појавува секоја зима, но оваа година е малку поинаква. Ова покажува како дури и мала генетска варијација на вирусот на грип може да изврши огромен притисок врз нашите здравствени системи“, изјави Ханс Анри Клуге, регионален директор на СЗО за Европа.

СЗО соопшти дека првичните податоци добиени од Велика Британија потврдиле дека вакцината против грип го намалува ризикот од инфекција со новиот сој на вирусот A(H3N2) со тешки симптоми и дека, иако можеби нема целосно да ја спречи инфекцијата, вакцинацијата останува најважната превентивна мерка.
„Ова е особено важно за луѓето кои се изложени на поголем ризик, вклучувајќи постари лица, лица со хронични здравствени проблеми, бремени жени и деца“, се наведува во соопштението на СЗО, при што се нагласува дека здравствените работници се приоритетна група, бидејќи со заштитата на сопственото здравје го штитат и здравјето на пациентите. Клуге изјави дека се очекува овогодишната сезона на грип да го достигне својот врв кон крајот на декември оваа година или почетокот на јануари наредната година.











