Поднесено обвинение за упадот во просториите на редакцијата на „Инфомакс“

Макфакс

18/12/2025

10:43

178

Големина на фонт

а а а

Јавен обвинител ја заврши постапката за прибирање докази и до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинение против едно лице за кривични дела – насилство и спречување на службено лице во вршење службено дејствие.

Обвинетиот на 10 декември извршил грубо насилство спрема двајца новинари во дневно-информативниот онлајн медиум „Инфомакс“, како и спрема гостин во нивната емисија, со што ги спречил во вршење на професионалната дејност.

„Додека емисијата „Тешки муабети“ се емитувала во живо на YouTube и на социјални мрежи, обвинетиот пишувал навредливи и заканувачки коментари за еден од новинарите поради критиките што во емисијата биле упатувани кон премиерот. Потоа обвинетиот дошол на адресата на која се наоѓа студиото, ја обил влезната порта, ги искршил и влезната врата од објектот и вратата на студиото, па како резултат на тоа емисијата била прекината. Еден од оштетените се обидел да го задржи обвинетиот да не влезе во студиото, но тој продолжил да вика и да им се заканува по живот, ги пцуел и ги навредувал присутните, а се обидувал и физички да ги нападне, замавнувајќи со рацете и фрлајќи со чаша кон нив. Оштетените повикале полиција, додека во меѓувреме успеале да го смират обвинетиот и да го извадат надвор на улица“, се наведува во соопштението од обвинителството.

Со насилничките дејствија обвинетиот предизвикал чувство на несигурност и страв кај оштетените и други присутни лица.

Медицинското вештачење на обвинетиот покажа дека и покрај неговата претходна душевна здравствена состојба, тој делото го извршил во состојба на пресметливост. Согласно тоа, јавниот обвинител достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор со цел негово обезбедување во текот на постапката.

Основното јавно обвинителство Скопје истакнува дека приоритетно постапува во сите предмети кои се однесуваат на евентуални напади врз новинари и загрозување на слободата на говор.