Тоа беше невообичаен, малку некохерентен настап на социјалните мрежи, но прилично типичен за Андреј Бабиш. Новиот чешки премиер седи на маса со адветски венец.
Носи маичка со натпис „Не на војната“ (No war) во украински национални бои – сина и жолта. Додека пали три свеќи, Бабиш зборува за „прекрасниот адвентски концерт на кој присуствувал. На кој како што вели владеело „навистина прекрасно расположение“. Додава дека е „штета што Трамп, Мерц, Макрон, Стармер, Зеленски и Путин не беа на концертот. Да беа деца вели Бабиш, ќе го рекле истото. Сега за Божиќ… тоа е кошмар. Меѓутоа што навистина мисли и што мислел Бабиш останува мистерија, пишува Дојче Веле.
Потоа продолжува. Мировниот договор ќе биде потпишан најдоцна до 24 февруари 2024 година, тој ќе „гарантира безбедност за сè – Украина, Европа и Русите“, вели Бабиш, по што конечно се врти. На задната страна од неговата маица, на англиски пишува: „Volunteer of Peace“ (Волонтер на мирот).
Во недела на 14 декември 2025 година Бабиш ја објви таа снимка на социјалните мрежи. Тоа беше продолжение на повеќемесечната (предизборна) кампања – и показател на она што премиерот ќе ѝ го понуди на домашната публика во иднина.
Неколку денови претходно, чешкиот претседател Петр Павел го именувал седумдесет и едно годишниот милијардер за премиер. Именувањето на министрите следувало во понеделник (15 декември).

Ова е прв пат Чешка да има исклучиво десно-популистичка, односно крајно десна коалициска влада. Покрај партијата на Бабиш „Акција на незадоволни граѓани“ (АНО) во неа се застапени и десно-популистичката Партија на мотористи (Мотористи) и крајно десничарката Партија на слобода и директна демократија (СПД).
Меѓу 15-те министри во новата влада се наоѓаат и неколку политичари од АНО кои со години биле особено почитувани, како и непартиски експерти – но и некои контроверзни лица. Меѓу нив е на пример, лидерот на Партијата на моторџии, Петр Мацинка, ригорозен евроскептичен десничарски популист. Потоа Оли Ото Клемпир, министер за култура кој бил номиниран од СПД – музичар, текстописец и соосновач на фанк-рок бенд „J.A.R.“ кој зад себе има трагична историја како информант на чехословачката Државна безбедност.
Политички пресврт или само остра реторика во Чешка?
Со доаѓањето на новата влада завршува периодот од два и пол месеци неизвесност по парламентарните избори. Но, засега не може со сигурност да се каже: имено во јануари, владата на Бабиш ја очекува да се соочи со гласање за (не)доверба во парламентот. Понатаму, министерот за животна средина сè уште не е назначен. Кандидатот за кој станува збор е Филип Турек. Поради претходните расистички и неонацистички објави на социјалните мрежи, претседателот Павел се двоуми дали да го назначи. Самиот Турек во моментов е хоспитализиран со наводно сериозни проблеми со грбот. Можно е назначувањето да не се спроведе.
Меѓутоа едно е веќе сигурно: во Чешка се случува остар политички пресврт – од либерален-конзервативен, проевропски и силен проукраински курс кон десничарски популизам и евроскептицизам.
Останува прашањето што од сето тоа кај Бабиш е само реторика и симболична политика – и каде всушност ќе ги спроведе своите зборови во дело?

Како што најавил за време на предизборната кампања, Бабиш пред неколку дена ја објави најзначајната промена во надворешната политика: Европската унија мора да „пронајде други начини“ за поддршка на Украина. „Нашите каси се празни и секоја круна нѝ е потребна за нашите граѓани“, напишал на Фејсбук.
Меѓутоа, Бабиш сè уште не прецизирал како го замислува тој „алтернативен пат“ за поддршка на Украина од страна на ЕУ. Истото важи и на национално ниво: на пример за време на претходната влада на Петр Фијала, Чешка ја координирала иницијативата за глобално купување на артилериска муниција за Украина. Бабиш сака да ја укине или радикално да ја измени оваа иницијатива – но што точно сака да направи? Веќе со месеци тоа останува нејасно.
Слична е ситуацијата и со повеќето други прашања. Партијата на Бабиш – АНО, обединета е со унгарската владејачка партија „Fidesz“ на Виктор Орбан во крајно десно европско партиско семејство „Патриоти за Европа“. Но, антиевропскиот конфронтациски курс на чешкиот премиер не е ниту приближно толку остар како оној на Орбан. Бабиш се бори против миграцискиот пакт, Зелениот план и постепеното укинување на моторите со внатрешно согорување. Но дали ќе ја парализира ЕУ во тие области? И тоа засега е нејасно.

Бабиш постојано се жали на новинарите и сака да го реструктурира јавниот радиодифузен сервис. Но, малку е веројатно дека таму ќе се повтори ситуација како онаа што преовладува во Унгарија. Неговите ставови за Украина ѝ одат во прилог на Русија – но Бабиш не е сојузник на рускиот претседател Владимир Путин како што е Орбан.
Конфликтот на интереси на Андреј Бабиш
Останува нејасно како премиерот планира да го реши својот конфликт на интереси како шеф на владата од една страна и како бизнисмен и сопственик на концернот „Агроферт“ од друга страна. Претседателот Павел всушност го поставил тоа како услов за номинацијата на Бабиш за премиер – а Бабиш ветил дека ќе ја предаде својата бизнис империја на независен управител сè додека неговите деца не го наследат. Но, постојат значителни сомнежи за веродостојноста на тоа ветување. Многу набљудувачи во Чешка претпоставуваат дека Бабиш ќе пронајде лукав начин да ја задржи контролата врз „Агроферт“.
Засега, само едно нешто изгледа сигурно: под власта на Бабиш нема да дојде до „Чегзит“, односно повлекување на Чешка од НАТО. Сепак, многу коментатори предупредуваат да не се потценува важноста на новата чешка влада. Милијардерот беше премиер во две последователни влади од 2017 до 2021 година, вклучувајќи малцинска влада и една со социјалдемократите како партнер.

Овој пат, десничарските популисти и десничарските екстремисти се сами. Порталот „Деник референдум“ зборува за „тешко време“ за Чешка и предупредува дека Бабиш сака да ја „ограничи демократијата“. Други веруваат во сценарио послично на Словачка, со владејачка коалиција што наскоро ќе стане сè повеќе заплеткана во внатрешни спорови.
Во статија за весникот „Lidove noviny“, коментаторот Мирослав Корецки алудирал на минатото на Бабиш како агент на чехословачката државна безбедност и на нејасното потекло на неговите милијарди.
Тој го окарактеризирал премиерот на следниот начин: „Човек со сомнително минато, познат по своите безмилосни деловни практики и балансирање на работ на законот, на работ на вистината и лагите. Политичар со уникатен и непредвидлив стил. Хаотична личност која не може да се контролира и која постојано прави грешки во кадровските одлуки. Не е голем визионер, туку микроменаџер и страстен читател на анкети на јавното мислење“.














