[ВИДЕО] Овој црно-бел класик го надмина и „Home Alone“: Најубавиот празничен филм на сите времиња

Точка

22/12/2025

14:43

353

Големина на фонт

а а а

На врвот од листата на „IMDb“ 100 најдобри божиќни филмови на сите времиња се наоѓа црно-белиот класик „It’s A Wonderful Life“ од режисерот Фрeнк Капрa со оцена 8,6 добиена врз основа на 543.000 рецензии.

Филмот од 1946 година ги надминал популарните празнични хитови како „Home Alone“. Станува збор за американска фантастична драма која со текот на времето го добила статусот како еден од најценетите божиќни филмови на сите времиња.

Сценариото го следи Џорџ Бејли којшто го толкува Џејмс Стјуарт, добродушен банкар којшто непрекинато ги жртвува своите соништа за да ѝ помогне на заедницата во измислениот град Bedford Falls.

Иако сонува за патувања и различен живот, Џорџ останува поврзан за семејната штедно-кредитна задруга, обидувајќи се да спречи моќниот и бескрупулозен деловен човек, господин Потер, којшто го толкува Лионел Беримор, да го преземе. Во филмот исто така игра и Дона Рид.

На Бадник веќе доаѓа до пресврт кога вујкото на Џорџ, Били, ќе изгуби 8.000 долари со што задругата доаѓа на раб на пропаст, а Џорџ се соочува со можна затворска казна.

Скршен и очаен, почнува да верува дека на сите би им било подобро без него и размислува за самоубиство. Во тој момент се појавува неговиот ангел чувар Кларенс којшто му покажува како светот би изгледал доколку Џорџ никогаш не би се родел.


Вонвременски класик

Децении по премиерата, филмот се смета за вонвременски класик. Често се споредува со „A Christmas Carol“, особено преку мотивот на средба со дух којшто на главниот лик му ги открива последиците на неговото постоење.

Познато е дека овој филм е инспириран од кратката приказна на Филип Ван Дорен Стерн „Најголемиот дар“ која исто така црпи елементи од тој книжевен класик.

Критичарите и публиката ја истакнуваат моќната наративна структура, актерските перформанси и дијалози поради кои филмот и денес делува свежо, без оглед на траењето од 2 часа и 10 минути.

Завршницата на филмот особено е запаметена по емотивната сцена во која жителите на Bedford Falls се собираат да му помогнат на Џорџ.


Кулминацијата доаѓа во моментот кога неговиот брат Хари наздравува со зборовите:

„Да наздравиме за мојот голем брат Џорџ: Најбогатиот човек во градот“.

Токму поради нагласената тема на заедништво, жртва, семејство и самопочит, овој филм и децении по премиерата се смета за безвременски класик.