[ВИДЕО] Оваа песна ја слушаме секој Божиќ, а ретко се зборува за трагичната судбина на нејзината авторка

Точка

22/12/2025

15:04

443

Големина на фонт

а а а

Во текот на адвентскиот период, радиостаниците неизбежно се исполнуваат со празнични мелодии. Меѓу нив, и песната „Fairytale of New York“ со децении се наоѓа на врвот на листата на најемитувани странски божиќни песни и важи за едно од најпрепознатливите дела на групата „Погс“ и пејачката Кирсти Макол.

Малкумина, сепак, ја знаат трагичната животна приказна на жената зад овој култен хит. Поминаа 25 години од прераната смрт на талентираната уметница, која пораснала во дом во кој музиката била секојдневие.

Родена на 10 октомври 1959 година во Лондон, Кирсти била ќерка на Ијан Макол – еден од највлијателните британски фолк-музичари и текстописци на 20. век. Но, уште од самиот почеток, таа се борела да изгради сопствен идентитет, не како „ќерка на славен татко“, туку како независна, силна и автентична уметница.


Иако израснала опкружена со фолк музика, Кирсти подеднакво ја привлекувале панкот и новиот бран што ја обележаа британската сцена кон крајот на седумдесеттите. Во раните години од кариерата работела различни работи, во музички канцеларии и студија, додека паралелно пишувала песни и настапувала.

Нејзиниот прв поголем пробив се случи во 1979 година со песната „There’s a Guy Works Down the Chip Shop Swears He’s Elvis“ – духовита и остра поп-приказна што веднаш го откри нејзиниот препознатлив стил: интелигентни текстови, моќен вокал и суптилна иронија. Брзо стекна репутација на авторка која не се плаши јавно да го каже она што го мисли.

Во текот на осумдесеттите години изградила респектабилна солистичка кариера, но и станала една од најбараните придружни вокалистки на британската музичка сцена. Таа соработувала со членовите на групите „Смитс“, „Симпл мајндс“, „Токинг хедс“, „РЕМ“, „Ју ту“ и многу други.


Патот, сепак, не ѝ бил лесен. Често влегуваше во судири со издавачките куќи кои се обидувале да го „ублажат“ нејзиниот имиџ и да ја прилагодат на пазарот. Кирсти тоа го одбивала, инсистирајќи на автентичност – дури и кога тоа значеше побавен комерцијален успех.

Во 1987 година го снимила дуетот „Fairytale of New York“ со групата „Погс“ и Шејн Мекгован. Сурова, реална и длабоко емотивна, песната стана една од најпознатите божиќни композиции на сите времиња – целосна антитеза на класичните празнични песни.

И покрај огромниот успех, Кирсти често говорела за својот амбивалентен однос кон славата што ја донесе оваа песна. Горда беше на делото, но чувствуваше дека нејзиниот богат и разновиден опус останува во сенка на еден единствен хит.

Во 1984 година се омажила за музичкиот продуцент Стив Лиливајт, со кого ги доби синовите Џејми и Луис. Иако се разделија во 1997 година, останале поврзани преку родителството и музиката. Мајчинството за Кирсти имало исклучително значење, а пријателите ја опишувале како топла, заштитнички настроена и бескрајно посветена мајка.


Таа нејзина особина најсилно се покажала во последните моменти од нејзиниот живот. На 18 декември 2000 година, на мексиканскиот остров Козумел, додека пливала со синовите во заштитена зона за нуркање, кон нив налетал глисер со голема брзина. Во дел од секундата, Кирсти нурнала и ги оттурнала децата од патеката на пловилото, спасувајќи им го животот – но самата не преживеала. Имаше само 41 година.

Нејзината смрт отвори долгогодишна борба за правда. Семејството и пријателите тврделе дека одговорните никогаш вистински не биле казнети, обвинувајќи го мексиканскиот милијардер и сопственик на еден од најголемите трговски синџири во земјата, Гиљермо Гонзалес Нова, дека управувал со кобниот глисер. Иако вината официјално ја презел негов вработен, случајот станал симбол на нееднаквоста пред законот и моќта на капиталот.


Борбата за правда постепено згасна во 2009 година, кога Гонзалес Нова почина. Мајката на Кирсти, Џин Њулов, со години ја водеше кампањата „Правда за Кирсти“, додека обожавателите ширум светот продолжија да ја негуваат меморијата за пејачката чија музика беше искрена, храбра и бескомпромисна.