Безбедносната служба на Украина (СБУ) објави дека соборила модернизиран поморски извидувачки авион Ил-38Н „Sea Dragon“ во руската воздухопловна база во Јејск, како дел од подготовките за напад врз руска подморница во градот Новоросијск.
„Ова е авион дизајниран за поморско извидување, пребарување на подморници, следење на морски површини, поставување мински полиња и извршување напади со торпеда“, соопшти СБУ.
Според украинското разузнавање, погодениот Ил-38Н активно дејствувал против украински поморски беспилотни летала. Проценетата вредност на авионот е околу 24 милиони долари. СБУ истакнува дека Русија имала само еден авион од оваа класа во Црното Море способен да го открие украинскиот подводен дрон „Sub Sea Baby“ додека се движел кон својата цел.
Онеспособувањето на леталото, тврди УСБ, овозможило успешно спроведување на главната фаза од специјалната операција, експлозијата на руската подморница од класата Варшавјанка.
„За напад врз Ил-38Н, УСБ користела современ дрон со боева глава за површинска детонација опремена со 2.000 фрагменти насочени надолу. Детонацијата се случила директно над главната опрема и радарскиот оддел, а моторот бил оштетен“, објави украинското разузнавање.
УСБ претходно објави дека на 15 декември, за прв пат во историјата, руска подморница била уништена со употреба на подводни дронови „Sub Sea Baby“. Нападот во Јејск, според украинските тврдења, бил клучен предуслов за успехот на операцијата.







