Зеленски бара двомесечно примирје како услов за референдум за мир

Макфакс

24/12/2025

12:31

221

Големина на фонт

а а а

Референдум за мировен договор во украинскиот конфликт е можен само ако се обезбеди целосно примирје во траење од најмалку 60 дена, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Зеленски го изјави ова во разговор со новинарите, откако го објави планот од 20 точки за решавање на конфликтот, објавува агенцијата Интерфакс-Украина на својот канал Телеграм.

„За референдумот се потребни најмалку 60 дена. А ни е потребно вистинско примирје во траење од 60 дена. Во спротивно, нема да го одржиме“, рече украинскиот лидер.

Според него, планот што бил дискутиран за време на преговорите во Соединетите Американски Држави вклучува неколку клучни точки, меѓу кои се безбедносни гаранции за Украина слични на Член 5 од Северноатлантскиот договор, кој предвидува принцип на колективна одбрана, потоа договорот за неагресија меѓу Москва и Киев, како и зголемување на бројот на украинските вооружени сили во мирновременски услови на 800.000 припадници.

Планот предвидува и размена на затвореници „сите за сите“, како и одржување избори во Украина.

Зеленски особено нагласи дека постои можност парламентарните и претседателските избори да се одржат истовремено со референдумот за мировниот договор, доколку за тоа се создадат безбедносни и политички услови.