Апелација: Двојно повисока казна за двајцата директори обвинети за пожарот во модуларната во Тетово

A1ON.MK

24/12/2025

18:10

703

Големина на фонт

а а а

Апелациониот суд Гостивар преку соопштение информира дека се преиначени одлуките од Основен суд Тетово за осудените лица во судскиот процес поврзан со пожарот во тетовската модуларна болница, во кој во 2021 година животите ги загубија 14 луѓе.

Со одлука на Апелационен суд, двајцата осудени директори наместо по година и половина, добија три години казна затвор, а правното лице Клиничка болница зголемена парична казна од еден милион и триста илјади евра.

Судиите во повисокиот суд одлуката ја донеле на 26 ноември 2025, при што се одбиени жалбите на осудените директори Флорим Бесими и Артан Етеми, додека уважени се жалбите на Основното јавно обвинителство Тетово.


- Пресудата ја преиначи во делот на одлуката за кривичната санкција и во делот на одлуката за имотноправното побарување така што обвинетите Ф. Б. од Т. и А. Е. од Т. кои со првостепената пресуда се огласени за виновни за кривично дело Тешки дела против општата сигурност по член 292 став 4 во врска со член 288 став 4 во врска со став 2 во врска со член 22 од Кривичниот законик, ги осуди на казна Затвор во траење од по 3-три години, обвинетото правно лице ЈЗУ К. Ц. во Т, кое со првостепената пресуда е огласено за виновно за кривично дело Предизвикување општа опасност од член 288 став 5 во врска со став 4 во врска со став 2 од Кривичниот законик, го осуди на Парична казна во износ од 1.300.000,00 денари, стои во соопштението на Апелационен суд Гостивар.

По пожарот во 2021 година и поднесен обвинителен акт во декември 2022 година, Основен суд Тетово почна процес кој заврши во јуни 2023 кога директорите ги осуди на условна казна затвор, но Апелационен суд потоа одлучи да има ново повторно судење.


Второто повторно судење заврши во мај 2025 година кога тетовскиот суд им пресуди по една година и шест месеци затворска казна на двајцата директори на Клиничката болница.