„Катаклизма е комплимент за она што вие го оставивте како влада во енергетскиот сектор“, му рече Мицкоски на Филипче

Макфакс

25/12/2025

13:18

138

Големина на фонт

а а а

Ќе ве потсетам, август месец 2017 година нула долгови, 25 милиони евра депозити, милијарда ипол денари и некаде околу 380 милиони денари на сметка на тогашната АД ЕЛЕМ и нула долгови, исплатени плати, отприлика дата на пресек 7-8 август 2017. Во 2024-та, август месец 7% состојба на акумулации на електрична енергија, нула откривка во РЕК Битола нула откриен јаглен, на депонија околу 20-30 илјади тони, неремонтирани блокови во Битола, неремонтирани во Осломеј, една катаклизмична состојба и долгови од 150 милиони евра.

Јас не знам како се оперира глава срце итн., но знам кого да прашам. Другпат кога ќе ви ги постават овие прашања и кога ќе ве носат повторно во длабоко, бидејќи не е ова ваша тема, барем прашајте некој којшто ги разбира овие работи, затоа што тоа што вие го оставивте како влада во енергетскиот сектор, катаклизма е комплимент, но затоа оставивте позади себе десетици-стотици милионери, политички профитери и лешинари коишто се талогот на општеството.

Вака одговори премиерот Христијан Мицкоски на пратеничкото прашање на Венко Филипче за тоа зошто не е направено ништо за зајакнување на енергетскиот сектор и производството на струја и зошто сега мора да има поскапување на цената на струјата.

Што се однесува на поскапувањето на струјата Мицкоски го упати Филипче да го праша новиот член на раководството на СДСМ кој е брат на претседателот на РКЕ, кое пак е независно тело.

„Зошто поскапување на струјата? Ова прашање господине Филипче можеби најдобро ќе ви го одговори новиот член на вашиот Извршен комитет, господинот Бислимоски којшто е брат на претседателот на Регулаторната комисија Марко Бислимоски. РКЕ по закон, по Устав е независно тело. Не знам зошто мене ми го поставувате ова прашање. Претпоставувам треба да му го поставите на Марко Бислимоски чијшто брат сега ви е соработник во Извршниот комитет или како и да ви се вика Одбор на СДСМ и се надевам дека тој ќе ви даде попрецизен одговор од мене. А зошто ја манипулиравте јавноста со поскапување над 5%, над 10%, па не излезе толку, излезе 2 запирка нешто проценти претпоставувам дека тие исто така можат да ви дадат одговор“, потенцираше Мицкоски.

Што се однесува на обвинувањето на Филипче дека ништо не се направило за година ипол во енергетскиот сектор и дека истиот се уништува, Мицкоски го потсети Филипче дека 50 луѓе се под истрага или се водат судски процеси за уништување на тоа што било оставено од поранешната влада на ВМРО-ДПМНЕ, а поранешниот директор на ЕСМ и висок функционер на СДСМ е во бегство.

„Е сега околу енергетските капацитети. Изминативе година ипол повеќе од 50 луѓе коишто го уништувале тоа коешто е оставено од претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ, односно од времето кога јас бев директор на тогашното ЕЛЕМ се или под истрага или се водат судски процеси, а поранешниот директор, висок поранешен функционер на СДСМ е во бегство. Ако е невин, ако е чесен ќе дојде тука и ќе се соочи со органите, ќе даде исказ и ќе каже зошто е така. Е сега дали можеби кога зборите за енергетските капацитети мислите и на компании коишто во минатото добиваа ексклузивно право да увезуваат јаглен и за тоа одредени јавни личности и политичари беа наградувани со скапи џипови коишто ги возеа со полномоштво на такви фирми и се префрлаа средства во соседството. Дали на тоа мислите кога зборите за уништување на енергетскиот систем или мислите за уништување на енергетскиот систем кога се купуваа хемикалии и останати средства коишто не се потребни за да се делат провизии за високи поранешни функционери од редовите на СДСМ во Вардарскиот Регион во Пелагонискиот Регион итн“, нагласи Мицкоски.