Популарната пејачка Сабрина Карпентер подготви убаво изненадување за своите обожаватели токму на Бадник. 26-годишната ѕвезда објави сосема нова песна со наслов „Such a Funny Way“, која се наоѓа на специјалното бонус-издание на албумот „Man’s Best Friend“. За песната беше претставено и видео со текст.
Сабрина преку платформата Икс им се заблагодари на фановите за неверојатната година и истакна дека песната е создадена за сите на кои им е потребна „катарзична божиќна песна за емотивно празнење“.
„За да ви се заблагодарам за оваа прекрасна година и да им подарам песна на сите на кои им треба малку емоционално олеснување за празниците – бонус-изданието на Man’s Best Friend со една од моите омилени песни сега е официјално достапно на стриминг платформите“, порачала таа.
Песната „Such a Funny Way“ на духовит и ироничен начин зборува за комплицирана љубовна врска исполнета со противречности. Сабрина преку хумор опишува партнер кој изјавува љубов, но со своите постапки често остава впечаток на рамнодушност, избегнување и недостиг од комуникација. Наместо директна тага, таа избира сарказам и иронија како начин да се справи со емоционалната болка.
Новата нумера брзо го привлече вниманието на фановите, кои ја опишаа како искрена, духовита и совршена за празничните денови кога емоциите излегуваат на површина.






