Американскиот претседател Доналд Трамп доцна во средата повторно го критикуваше водителот на ток-шоу емисијата Стивен Колберт, изјавувајќи дека тој „треба да се ‘успие’“.
На Бадник, додека се емитуваше реприза од емисијата на Колберт, првично прикажана на 8 декември, американскиот претседател на својата социјална платформа „Truth Social“ напиша дека „CBS“, телевизиската мрежа што ја емитува емисијата на Колберт, „треба веднаш да го ‘успие’“ водителот, додавајќи дека тоа би било „хуманитарна работа што треба да се направи“.
Исечокот од емисијата која го разбесни Трамп можете да го погледнете во продолжение:
Напад врз водителот
Колберт, чија емисија често е меѓу најгледаните, Трамп го нарече „бедна катастрофа без талент или што било друго потребно за успех во шоу-бизнисот“.
Трамп изјави дека водителот, откако „CBS“ најави укинување на неговата емисија, станал уште полош.
„CBS“ во јули објави дека емисијата „The Late Show with Stephen Colbert“ ќе биде укината во мај 2026 година.
Телевизиската мрежа како причина за одлуката наведе финансиски причини, но бројни експерти изразија сомнеж дека тоа е направено од обѕир кон Трамп, бидејќи Колберт е еден од неговите најостри критичари.

Испадот на Трамп на социјалните мрежи
Трамп во својата објава напиша дека Колберт „всушност станал полош, исто како и неговата непостоечка гледаност. Стивен се храни со омраза и бес. Веќе е отпишан!“.
Доцновечерните ток-шоу емисии често го исмеваат Трамп. Откако тој беше избран за претседател, тие се сметаат за популарен формат за спротивставување на неговиот десничарски популизам, пишува „dpa“.











