Во годината кога Македонскиот народен театар прославува 80 години постоење со издавање монографија и со најава на голем сценски спектакл, првиот човек на националната институција, Никола Кимовски, страсно проговори за неговата почит и љубов кон ансамблот, за колективиот дух на театарот, за важноста на слободата на сцената и за инспициентската улога која го потсетува дека функцијата е минлива, а одговорноста кон сцената и публиката – вечна.
Кимовски ја истакна визијата за класични и современи адаптации, меѓународна препознатливост, континуитет и инспирација за идните генерации, правејќи го МНТ простор на храброст, авангарда и искрена уметничка посветеност
Речиси две години го обликувате уметничкиот и институционалниот правец на Македонскиот народен театар, а впечатокот во јавноста е дека МНТ доживува силен вертикален подем. Кога денес ќе погледнете наназад – што беше клучната одлука или насока што си ја зададовте уште на почетокот од преземањето на оваа работна позиција?
Клучната одлука беше МНТ да се врати кон себе – кон ансамблот, кон јасна уметничка линија и кон идејата дека националниот театар мора да биде репер и дома и надвор. Сакав да воспоставиме стабилен систем во кој уметничките одлуки нема да бидат ад хок, туку дел од осмислена визија. Паралелно со тоа, ми беше важно МНТ да биде отворен кон регионалната и меѓународната сцена, затоа што само така можеме реално да го мериме квалитетот на она што го создаваме. Јас и пред оваа одговорна функција бев и сум дел од овој театар изминативе 18 години, во улога на инспициент, и многу добро го познавам духот и ритамот на овој театар. Тоа секако беше додадена вредност, кога дојдов на оваа работна позиција. Знаете како, јас сум вљубеник и во креативниот, и во техничкиот и во административниот тим на овој театар. Нема да се стеснам и ќе кажам - чувствувам огромна почит кон овие луѓе, кои буквално и срцето и душата ги оставаат на и зад сцената. Природата на нашите професии во театарот се такви што човек ретко може да направи јасна граница од тоа што е работа и она што е приватен живот. Кај нас најчесто работата е живот, многу вложен труд, работа, енергија, страст, љубов, емотивни соголувања на сцената, трепет... затоа што МНТ е нашиот втор дом.

2025 е исклучителна година за МНТ – театарот одбележува 80 години постоење, издадовте монографија и најавувате сценски спектакл по oвој повод, театарот беше препознаен и вреднуван со повеќе награди, гостувања и наедно неколку големи премиерни изведби. Дали годинава ја доживувате како круна на еден циклус и како темел за уште поголеми амбиции?
Ја доживувам како круна, но уште повеќе, како темел. Осумдесет години Македонски народен театар се огромно наследство, а годинава тоа богатство доби и силна современа потврда – преку монографијата, наградите, гостувањата и премиерите. Сето тоа не го гледам како затворање на еден круг, туку како момент кога МНТ јасно покажува дека има енергија, визија и капацитет за уште поголеми уметнички и институционални амбиции.

Големиот сценски спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето“ – Made in МНТ, со целиот ансамбл на МНТ и во режија на Дејан Пројковски, кој премиерно ќе биде изведен на 29 декември, изгледа како симболично заокружување и прослава на јубилејната годината. Што посакувате публиката да понесе со себе од овој настан?
Чувство дека присуствувала на настан што ги обединува луѓето и генерациите. Овој спектакл со вкупно 170 уметници на сцената и луѓе зад сцената, не е само завршница на една успешна година, туку и прослава на ансамблот, на заедништвото и на моќта на театарот, како жив ентитет. Сакам гледачите да излезат со чувство на гордост – дека МНТ е нивен театар и дека заедно сме дел од една голема, жива приказна. Сето ова немаше да биде возможно доколку ја немавме поддршката од министерот за култура, Зоран Љутков и Министерството за култура и туризам, благодарен сум и за несебичната поддршка од театарите „Јордан Хаџи Константинов –Џинот“- Велес и Албанскиот театар - Скопје, како и Факултетот за драмски уметности - Скопје и Интернационалниот универзитет "Еуропа Прима".

Неодамнешната премиера на „Варвари“ од Максим Горки, во режија на Владимир Милчин, беше сериозен уметнички настан. Колку Ви е важно во репертоарот да се негуваат и големите класични дела?
Класичните дела се темелот врз кој се гради секој сериозен театар. Тие ни овозможуваат од историска дистанца подобро да ја разбереме денешницата. „Варвари“ е одличен пример како еден класичен текст може да прозвучи исклучително современо кога е поставен со јасна режисерска визија и силна актерска игра. За МНТ е важно класиката да не биде музејски експонат, туку вивиден материјал, кој постојано комуницира со сегашноста.

Со претставата „Народен пратеник“, МНТ летово се врати меѓу наградените на Стериино позорје, добивајќи специјална награда за колективна актерска игра. Колку за Вас е важна токму оваа формулација – колективот како суштина на театарот?
Максимата „колективна актерска игра“ е суштината на театарот. „Народен пратеник“ е претстава во која никој не е поважен од целината и токму затоа функционира толку силно. Таа награда ја доживувам како признание за ансамблот на МНТ, за довербата меѓу актерите и за дисциплината со која се гради заеднички сценски јазик. Вредност која ја негуваме и која сакаме уште повеќе да ја доразвиваме.

Жирито во Нови Сад истакна дека претставата јасно покажала, каде е местото на МНТ во регионов. Дали чувствувате дека МНТ повторно го зазема регионалниот пиедестал што историски му припаѓа?
Мислам дека МНТ повторно е препознаен како релевантен театар во регионот, но јас не би зборувал за пиедестал, како цел, сама по себе. Поважно ми е што претставите на МНТ се гледаат, се вреднуваат и се повикуваат на фестивали и сцени кои имаат сериозен кредибилитет. Кога жирито во Нови Сад јасно ќе каже каде е местото на МНТ, тоа е сигнал дека сме на вистински пат, но и обврска да не застанеме тука.
Неодамнешното гостување на „Ничија земја“ во Националниот театар во Будимпешта резултираше со договор за долгорочна и реципроцитетна соработка. Колку ваквите партнерства се важни за современиот национален театар и што значат за актерите и публиката?
Ваквите партнерства се исклучително важни затоа што не се сведуваат само на едно гостување, туку отвораат процес. За актерите тоа значи работа во поинаков контекст, пред нова публика и во дијалог со други театарски култури. За публиката – можност да гледа претстави што живеат и надвор од нашите граници. За еден национален театар, ваквата долгорочна соработка е знак на зрелост и отвореност.

„Народен пратеник“ и „Ничија земја“ годинава беа извонредно примени и во Ќустендил, Брчко, Врање… Дали успехот надвор од границите Ви е потврда дека МНТ зборува универзален театарски јазик?
Да. Кога една претстава комуницира подеднакво силно со публика во различни земји и културни контексти, иако не го разбираат нашиот јазик, тоа значи дека темите, одличната актерска игра и сценскиот израз ја надминуваат локалната рамка. По изведбата на „Ничија земја“ во Националниот театар во Будимпешта, нашите актери имаа сесија разговори со публиката. Публиката со солзи во очите ја пречека македонската театарска репрезентација. Дел од нив станаа и кажаа отворено колку ги допрела приказната, иако не го разбираа јазикот. Таквите реакции ни покажуваат дека сме разбирливи, искрени и актерски прецизни во изведбите.
Пред да почнете да менаџирате со театарот, бевте и сте дел од тимот на МНТ повеќе од 15 години во улога на инспициент. Често знаете да кажете за претставите кои претходно сте ги воделе како инспициент „Вечерва не сум ви директор, туку инспициент“ и застанувате зад сцената да ја водите претставата. Што значи за Вас ова реченица?
Почит кон актерите, режисерите и театарот. Инспициентот е човекот што ја држи претставата во живот, од првата до последната минута. Таа реченица за мене е потсетник дека функцијата е минлива, а театарот е поважен од секоја титула. Кога ќе почне претставата, сите сме во служба на сцената.

Дали тоа е Вашиот начин да покажете дека функцијата никогаш не смее да биде поважна од театарот?
Да, тоа е мојот начин да покажам дека ниту една функција не смее да биде поважна од процесот. Театарот е колективна уметност и довербата се гради со личен пример. Кога ансамблот гледа дека директорот е подготвен да ја преземе одговорноста таму каде што е најпотребно, тоа создава чувство на заедништво и меѓусебна почит.
Како гледате на поставувањето современи адаптации на текстови? Дали тие помагаат да го приближите театарот до новите генерации?
Современите адаптации не ја нарушуваат традицијата, туку ја продолжуваат. Традицијата на МНТ отсекогаш била жива, а не закочена. Преку нови читања и сценски пристапи, и класичните и современите текстови стануваат поблиски до новите генерации. Тоа е единствениот начин театарот да остане релевантен и комуникативен. МНТ има изградено своја публика, но не смееме да ги занемариме надоаѓачките генерации, бидејќи ним ќе им го оставиме театарот во наследство. Ова е нивното време.

Во репертоарот се наоѓаат и дела што директно или индиректно ја одразуваат социјалната и општествена состојба на денешното општество. Колку театарот денес треба да биде огледало на општествените предизвици?
Театарот денес мора да реагира брзо. Не мора секогаш да нуди одговори, но мора да поставува прашања. Претставите што се занимаваат со социјални и општествени теми ја потврдуваат улогата на театарот како простор на критичка мисла и слободен дијалог. Во таа смисла, МНТ не бега од реалноста, туку е дел од неа.
Гледаме дека претстави како „12“, „Мој термин“, „Ничија земја“, „Не се клади на Енглези“, „Животот на Молиер“, „Иванов“.... го држат цврсто репертоарот и носат своја енергија со публиката повеќе од една сезона. Што мислите – која е тајната на една претстава да остане актуелна подолго време?
Тајната е во искрената комуникација со публиката. Овие претстави имаат силна актерска енергија, јасна режисерска визија и теми што публиката ги препознава како свои. Кога претставата не ја губи свежината и по повеќе сезони, тоа значи дека таа навистина живее на сцената.
Каков директор сакате да бидете: менаџер, визионер, чувар на традицијата или човек кој создава простор актерите и уметниците да дишат слободно?
Сакам да бидам директор кој создава услови. Човек што ја чува традицијата, но не се плаши од промени. Менаџер кога е потребно, визионер кога има простор за тоа, но пред сè – некој што им дозволува на уметниците да дишат слободно и да создаваат без страв.

По една ваква година – награди, јубилеи, премиери, меѓународни успеси – што Ве држи буден навечер? Кој е следниот предизвик за Македонскиот народен театар?
Одговорноста. Како да го задржиме квалитетот, како да не се повторуваме и како секоја нова сезона да биде чекор напред. Следниот предизвик е континуитетот – да покажеме дека успесите не се случајни, туку резултат на многу работа и јасна визија. И конечно да продолжиме да ја веселиме публиката, да ја замислуваме, да ја натераме да размислува, а понекогаш и да и ги насолзуваме очите.
И за крај – кога би требало со една реченица да ја опишете 2025 година за МНТ, како би гласела таа реченица?
2025 е година во која Македонскиот народен театар го потврди своето наследство, но уште погласно ја најави својата иднина.









