Бадниковата манифестација на 6 јануари: Централниот настан ќе се одржи на плоштадот „Македонија“

Макфакс

26/12/2025

16:46

189

Големина на фонт

а а а

На денешната прес-конференција, одржана од страна на Здружението „Бадникови поворки“ пред Божикната пештера на Плоштадот „Македонија“ во Скопје, беа објавени главните активности што ќе ја одбележат овогодишната Божикна манифестација, по која Македонија стана препознатлива и надвор од своите граници.

На почетокот на прес-конференцијата, координаторите на Здружението го изразија своето задоволство што, во време кога сè почесто се зборува дека вниманието на децата и младите е сè пократко, а вредностите се потиснати од брзиот ритам на живеење, токму Бадниковите поворки сведочат за спротивното. Податоците покажуваат дека интересот и учеството континуирано растат, а годинава повторно се најавува рекорден одѕив.

Според информациите кои пристигнуваат од повеќе од 80 општини и населени места низ Македонија, како и од македонската дијаспора во Италија, Австрија, Словенија и Соединетите Американски Држави, годинава се очекува уште поголемо учество и вклученост. Со тоа, Бадниковите поворки уште еднаш го потврдуваат својот карактер како манифестација што преку трајните, суштински животни вредности го обединува народот и ги поврзува генерациите.

Посебно беше истакнато дека денес веќе не е потребно дополнително да се поттикнуваат општините за организирање работилници, изработка на божикни ѕвезди, проби или хуманитарни активности – тие активности веќе станаа природен дел од празничното живеење.

Во таа насока, беше изразена благодарност до Министерството за култура, Град Скопје и сите општини кои континуирано ја поддржуваат манифестацијата и придонесуваат таа да стане препознатлива не само во земјата, туку и во регионот.

Оваа година, посебен акцент се става на збогатување на програмата, уште посилно приближување до децата и младите, како и создавање простор за најранливите категории граѓани. Во рамките на активностите, веќе се реализираат посети на домови за стари лица, каде што се организираат читања на божикни приказни, пеење божикни песни како и низа хуманитарни акции.

Планирани се и флеш-моб активности, предводени од Дарио Стојановски и млади музичари, кои ќе внесат радост и топлина во секојдневието, кога динамиката и бремето на животот често ја потиснува празничната атмосфера.

На прес-конференцијата беше претставено и иновативното решение на графичкиот дизајнер Ангел Мицевски, кој повеќе години работи на развој на трајна божикна ѕвезда – симбол на Витлеемската ѕвезда.

Дополнително, претставен беше и уметнички магнет, изработен од уметникот Драган Китановски – Драш, кој семејствата ќе го понесат како симболичен подарок од овогодинешните Бадникови поворки.

Круна на целокупната програма ќе биде големата Бадникова манифестација на 6 јануари, која ќе опфати повеќе од осумдесет градови и населени места во земјата и дијаспората. Централниот настан ќе се одржи на плоштадот „Македонија“, каде што, по завршувањето на бадниковата поворката што од 12:00 часот ќе тргне од Музејот на Град Скопје кон Божикната пештера на Плоштад „Македонија“, ќе биде изведена Божикната авантура – голема музичко-сценска изведба со учество на повеќе од 40 актери, музичари, пејачи.

По изведбата во Скопје, мјузиклот ќе биде прикажан и во Кочани, каде што потребата од надеж, поддршка и светлина е особено силна.

Здружението „Бадникови поворки“ ги повика сите заинтересирани граѓани и медиуми редовно да ги следат информациите што секојдневно ќе бидат споделувани на официјалните профили на Здружението на социјалните мрежи и веб-страницата www.badnikovipovorki.mk.