„FBI“ ги предупредува корисниците на „iPhone“ и „Android“: Веднаш прекинете го повикот ако го слушнете ова!

Точка

29/12/2025

12:46

961

Големина на фонт

а а а

Измамниците сè почесто користат технологија за „лажирање“ на бројот на повикувачот, па на екранот може да се појави назив на институција на која инаку ѝ верувате.

Корисниците на „iPhone“ и „Android“ треба да бидат особено внимателни – „FBI“ издаде јасно предупредување за телефонски измами кои сè почесто се шират, особено во празничниот период, пренесува „UNILAD“. Ако примите одреден тип повик, советот е јасен: веднаш прекинете ја врската. Порано телефонските повици беа главна форма на комуникација, но денес навиките се менуваат. Истражувањата покажуваат дека припадниците на генерацијата Z често се чувствуваат непријатно кога разговараат по телефон, особено со непознати лица. Сепак, токму таквите повици можат да претставуваат сериозен безбедносен ризик, бидејќи телефонските измами се во постојан пораст.

„FBI“ предупредува дека методите на измамниците значително се усовршиле. Тие се особено активни за време на празниците, кога многумина добиваат нови паметни телефони и се помалку внимателни. Најчестиот сценарио вклучува лажно претставување како техничка поддршка, банка или финансиска институција, царинска и гранична служба, како и локална полиција.

Измамниците често користат технологија за „лажирање“ на бројот на повикувачот, па на екранот може да се појави назив на институција на која вообичаено ѝ верувате. Потоа се обидуваат да ве наведат итно да префрлите пари, да споделите лични податоци или да инсталирате злонамерен софтвер на вашиот уред.


Чувството на итност како алатка за манипулација

Класична тактика е создавање паника. Измамниците ќе ве убедуваат дека вашата банкарска сметка е под напад, дека ви се заканува апсење или дека мора веднаш да реагирате за да избегнете сериозни последици. Токму тој притисок ја намалува способноста за рационално размислување.

Откако ќе се инсталира злонамерен софтвер на уредот, последиците можат да бидат сериозни – од кражба на податоци за кредитни картички и интернет-банкарство, до пристап до фотографии, контакти и приватни пораки.

Опасност демне и зад QR-кодовите

Експертите предупредуваат и на сè почести злоупотреби на QR-кодови. Едно скенирање на наизглед безопасен код може да овозможи целосен пристап до вашиот телефон, вклучувајќи финансиски и лични податоци. Затоа е важно да скенирате исклучиво QR-кодови од доверливи извори.


Што советува „FBI“?

Ако примите несакан повик, а вие не сте ја контактирале институцијата први – веднаш прекинете ја врската. Дури и ако повикот изгледа легитимен, „FBI“ истакнува дека веројатноста да станува збор за измама е доволно голема за да не вреди да се ризикува. Ако се сомневате во автентичноста на повикот, сами јавете се на официјалниот број на банката, полицијата или институцијата преку нивната официјална веб-страница – никогаш не користете број што ви го дал повикувачот.

Заклучокот е јасен: ниту една легитимна институција нема да бара од вас преку телефон пари, лозинки или инсталација на софтвер. Ако добиете таков повик – прекинете ја врската и заштитете ги вашите податоци.